Министерството за одбрана објави дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои го посетуваат тримесечниот основен подофицерски курс на армискиот полигон „Криволак“ во координација со Државниот завод за статистика денеска ја реализираа својата должност согласно Законот за попис на населението.
Во соопштението стои дека во Центарот за обука „Пепелиште“ со почитување на сите предвидени протоколи за заштита од ширењето на корона – вирусот, припадниците на Армијата кои учествуваат на основниот курс за подофицери како слушатели и обучувачи ги дадоа сите потребни информации на попишувачите.
„Причина за денеска организираното попишување во Пепелиште е неможноста на припадниците на Армијата да бидат во своите домови за време на извршување на пописот, имајќи предвид дека основниот курс за подофицери трае до 26 април.
Претставничката од Државниот завод за статистика, Ива Ѓеорѓиева порача дека ова е прва фаза од официјалниот попис кој ќе се спроведе од први април.
„Станува збор за редовна постапка во сите пописи. Попишувањето се одвива во најдобар ред и се запазуваат сите мерки за Ковид –19. Исто така, пописот се спроведува и со електронска апликација, оди доста бргу и претпоставуваме дека ќе завршиме денеска“, информираше Ѓорѓиева.
Од Министерството дополнуваат дека покрај припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои денеска се попишани, во оваа фаза на реализација на пописот учествуваат и припадниците на Армијата кои се наоѓаат во меѓународните мисии „Одлучна поддршка“ во Авганистан, силите „КФОР на Косово“, мисијата „УНИФИЛ“ во Либан, операцијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и во операцијата на ЕУ во Централноафриканската Република.
Премиерот Заев порача дека нема отстапувања од плановите за попис, а опозицијата ако сака нов попис – тоа може да го направи по 10 години. Граѓани кои живеат надвор повеќе од една година ќе се водат како нерезиденти.
Македонски граѓани кои живеат надвор од државата повеќе од една година ќе бидат попишани како нерезиденти. Ова важи и за граѓани со бугарско државјанство и за дијаспората од други етникуми од Македонија кои живеат во Европа, Америка и на другите континенти. Пописот во Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население.