Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вечерва ги демантира информациите дека вработените од ЈП „Комунална Хигинета-Скопје“ кои се отпуштени од работа, се вработени според Програмата K5, за правична застапеност.
Од таму велат според планот усвоен од Владата распределени се вкупно 1 349 административни службеници, од кои за 1 023 администратини службеници се реализирани трансфери, потоа за распределба на 137 административни служеници процедурата е во тек.
Во однос на преостанатите 162 административни службеници работниот однос е прекинат од разни причини, односно заминување во пензија, отказ од вработениот или од работодавацот итн.
„Оттука, преостануваат уште 27 административни службеници кои се во фаза на распоредување во зависност од потребите на институциите и во корелација со нивните работни способности“, стои во соопштението.
Денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговорајќи на новинарски прашања за отпуштањето на лицата, рече дека „тоа што на некого не му е продолжен договорот, значи дека раководството не е задоволно од неговата работа“.
– Се работи за лица кои не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место. Ние, својот мандат го имаме добиено од граѓаните, да им се испорачуваат најдобрите можни услуги и притоа да нема непродуктивни трошења на лица кои не си ги извршуваат своите работни обврски. На крајот, одговорноста за тоа дали работата се завршила како што треба или не, е наша, а оние лице кои не доаѓаат на работа сметам дека треба да наидат на силна осуда во општеството, коментира Арсовска.
Од претпријатието соопштија дека во ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на обврските кон граѓаните.