Министерството реагира по смртта на детето од Кавадарци – вонреден надзор во болницата!

од Марта Пешевска
44 прегледи

По трагичната смрт на тригодишно дете од Кавадарци, Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) најавија вонредна контрола во Општата болница во Кавадарци и на Клиниката за детски болести во Скопје. Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, потврди дека инспекцискиот надзор е побаран и ќе се спроведе веќе утре.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, откако родителите на починатото дете побараа надлежните институции да испитаат дали се работи за лекарска грешка.

„Во раните утрински часови, сопругата ме разбуди држејќи го детето во раце. Беше бледо, без сили. Веднаш побаравме помош во болницата во Кавадарци, но имам чувство дека не нè сфатија сериозно. Сакаме вистината да излезе на виделина – дали можело нашето дете да биде спасено“, изјави таткото на детето, Тони Стојанов.

Според информации од Министерството за внатрешни работи, мајката го однела детето во кавадаречката болница околу 3 часот наутро, од каде било препратено кон Клиниката за детски болести во Скопје. Смртта била констатирана во 8:45 часот, по пристигнувањето на клиниката. Семејството бара формирање на независна комисија која ќе ги испита сите околности околу случајот. Надлежните институции најавија дека детално ќе го разгледаат случајот и ќе постапат соодветно доколку се утврдат неправилности.

Слични содржини