По објавата на „Локално“ дека до овој момент надлежното Министерство за јавна администрација се уште не го објавило Извештајот од Регистерот за вработени во јавниот сектор, од таму потврда на нашата информација – документот не само што не е објавен, тој не е ниту изработен.
„Во моментов спроведува сеопфатно ажурирање на податоците за вработените од институциите на јавниот сектор, со единствена цел – квалитетно управување со човечките ресурси на институционално ниво. Паралелно со техничката надградба и модернизација на системот, која во моментов е сеуште во тек, институциите се задолжени во најкраток можен рок да ги ажурираат податоци за своите вработени“ – велат од Министерството за јавна администрација за „Локално“.
Колкав е тој најкраток можен рок за ажурирање на податоците за бројот на вработени останува непознато, но она што се знае е дека на крајот од првиот квартал изминатите години, овој Регистер веќе беше објавен. Од Министерството уверуваат дека со новиот начин на ажурирање ќе се добијат поверодостојни податоци за вработените во јавниот сектор.
„Овие активности ќе го поедностават процесот и начинот на подготовката на Годишниот извештај за вработените од јавниот сектор, во насока истиот да се изработува централизирано, исклучиво со ажурирани и прецизни податоци добиени од самиот системот. За разлика од досегашната пракса, кога при подготовката на извештајот се користеа бази на податоци од повеќе извори кои потоа се вкрстуваа, што во праксата често резултираше со аномалии во точноста на податоците. Имајќи го во предвид горенаведеното, Ве известуваме дека Годишниот извештај за вработените од јавниот сектор сеуште е во изработка“ – велат од Министерството.
Регистерот за вработени во јавниот сектор ја дава „крвната слика“ за вработените и на централно и на локално ниво, заедно со вработените во јавните претпријатија, државните фирми, акционерските друштва во државна сопственост. Објавувањето на овој документ е и законска обврска.
„Во Законот за вработените во јавниот сектор утврдена е надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација, да воспостави и да води единствен регистар на сите вработени во институциите на јавниот сектор. Регистарот на вработените во јавниот сектор е дел од информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР)“ – пишува во воведот на Извештајот од Регистерот за вработени во јавниот сектор што беше објавен лани во март и се однесува на состојбата за 2023-та година.
Дали до истекот на оваа календарска година јавноста ќе добие одговор за состојбата со бројот на вработени во јавниот сектор по различни основи, возраст, етникум, образование – засега останува нејасно. Според податоците од последниот Извештај од регистерот на вработени во јавниот сектор 2024 во 2023 та во јавниот сектор на РСМ биле активни 1 371 институции со 128 879 вработени. Од нив 18 710 лица биле вработени во безбедносните структури и институции.
Д.А.