Министерството за дигитална трансформација (МДТ) упати апел за одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници, нагласувајќи дека заканите кон новинари, уредници и медиуми се недопустливи.
Во соопштението на МДТ се наведува:
“Во овие најтешки моменти за македонската држава и народ од нејзиното осамостојување, како Министерство надлежно за уредување на прашањата поврзани со медиумите и медиумското работење, апелираме на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници. Недопустливи се заканите упатени кон новинари, уредници и медиуми, кои имаат за цел да спречат непристрасно, отворено и квалитетно медиумско известување. Споредено со многу поразвиени општества, македонските медиуми и медиумски работници покажуваат исклучителна професионалност во работата и известувањето, во овие траорни моменти на колективна тага и гнев.”
Од Министерството ги повикуваат надлежните институции на итна и ефикасна реакција за да се утврди одговорноста на оние што вршат притисоци врз медиумите и да се обезбеди заштита на новинарите.
“Овие тешки моменти се тест за целата држава. Ќе ги следиме и во иднина сите слични случаи, затоа што безбедноста на новинарите е од најголема важност за функционирање на демократијата,” стои во соопштението од МДТ.