Министерството за дигитална трансформација ја поздрави одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори предмет и да ги разгледа сите наводи поврзани со јавните набавки. Од Министерството уверуваат дека ќе соработуваат со надлежните институции и ќе достават сите релевантни информации.
„Ја поздравуваме одлуката на ДКСК да отвори предмет и да ги разгледа сите наводи – и лажните на СДСМ и фактите кои ќе ги доставиме веднаш штом бидат побарани од Министерството“, се вели во соопштението.
Од Министерството тврдат дека СДСМ се обидува да манипулира со јавноста и дека нападите се обид да се прикријат случаи на злоупотреби од минатото.
„Јавноста не е со кратка меморија како што сметаат Кузеска и СДСМ. Свежи се сеќавањата за тендерите во 4 очи во АД ЕЛЕМ, МВР, Министерството за одбрана и ФИТР. Долга е листата на коруптивни скандали во времето на владеењето на СДСМ со ДУИ“, се додава во соопштението.
Министерството тврди дека јавните набавки се спроведуваат законски и транспарентно, при што се постигнуваат заштеди до 40% од средствата.
„Јавните набавки во Министерството се прават на начин кој заштедува и до 40% од средствата на граѓаните, во постапки за кои нема жалба затоа што се водат законски, транспарентно и отворено“, нагласуваат од Министерството.
Во однос на обвинувањата кон министерот Андоновски, од Министерството порачуваат дека кога ќе се докаже неговата невинност, ќе бидат поднесени пријави против оние кои, како што велат, клеветат.
„Кога ќе се потврди дека министерот Андоновски нема никаква вмешаност во криминал, корупција или судир на интереси, како што набедува и клевети СДСМ, Богданка Кузеска и нејзината партија треба да бидат подготвени за пријави за клевета и навреда“, стои во соопштението на Министерството за дигитална трансформација.