Министерството за правда повторно ќе испрати барање до Косово за екстрадиција на осудените за „Монструм“

од Nikola Popovski
84 прегледи

Министерот за правда, Игор Филков на денешната прес-конференција информира дека потпишал барање за екстрадиција на осудените за „Монструм“ – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Овие барања се доставени до косовското Министерство за правда и се чека одговор.

За двете лица, првпат е побарана екстрадиција во 2013 година, чие барање беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година.

Второто барање за нивна екстрадиција беше испратено во 2018 година, а во 2021 година е добиено известување од косовското Министерство за правда дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири немало одговор.

Министерот беше запрашан и дали ќе се повтори барањето за екстрадиција на екс-премиерот Никола Груевски од Унгарија.

-Министерството за правда со голема внимателност ги следи сите случаии за кои се бара екстрадиција. Последното барање е од 2019 години за сите постапки. Барањето е одбиено од Унгарија со објаснување дека на Груевски му е даден азил и лицето не може да биде екстрадирано во држава од кое е дојдено. Кога ќе се создадат услови за истото, секако дека ќе бараме екстрадиција за сите кои се надвор од државата и за кои е распишана меѓународна потерница, кажа Филков пред медиумите.

На констатација на еден од присутните новинар зошто баш сега се бара екстрадиција за двајцата од Косово, со оглед дека временски е ист период со очекувањето од Србија за екстрадиција на поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани, Филков одговори: „Од некаде мораме да почнеме“.

Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Бегалците Демири и Исмаиловиќ со години ја избегнуваат правдата во земјава. Демири и Исмаиловиќ се косовски државјани, но имаат и македонско државјанство.

Слични содржини