Министерството за спорт информира дека спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош ќе биде санирана и повторно ставена во функција, откако беше утврдено дека објектот стои затворен речиси една година по неговата реконструкција.
Во реакција на изјавите на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, министерството нагласува дека државата постапила одговорно и транспарентно, и дека објектот, кој е во државна сопственост, ќе биде ставен на располагање на граѓаните и спортските субјекти. Министерството потсетува дека реконструкцијата е финансирана со државни средства во износ од 1,3 милиони евра.
Се наведува дека сите оштетувања настанати поради неупотребата на салата ќе бидат отстранети, а објектот ќе биде безбеден, опремен и функционален.
Министерството, исто така, поставува прашања до градоначалникот Јакимовски во врска со наводни намери за користење на делови од салата за лични и партиски цели, вклучително и отворање кафетерија и користење деловни простории.
Оттаму апелираат за отчетност и транспарентност, истакнувајќи дека јавниот интерес и интересот на спортистите и граѓаните мора да бидат над политичките и личните агенди.
Претходно, со 14 гласови „за“ и 7 „против“, Советот на Општина Карпош усвои заклучок со кој се спротивставува на одлуката на Владата за одземање на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, која претходно беше дадена на трајно користење на Општината.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски истакна дека одлуката е донесена без образложение и без консултација со локалната самоуправа, која досега вложила околу 4 милиони денари во објектот. Советот ја оцени одлуката како штетна и побара понатамошна постапка пред надлежните институции.