Министерството за транспорт најавува воспоставување авионска линија до Саудиска Арабија

Досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Фејсбук/Skopje International Airport - SKP

Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија. Од ресорот велат дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија.

-Би сакале да потенцираме дека досега меѓу двете држави, не се одржувал воздушен сообраќај. Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди, посочуваат од Министерството.

Се наведува дека Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи, со заемна заложба за унапредување на економската и трговска соработка, зголемување на инвестициите како и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

-Се очекува дека воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји ќе придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи. Склучувањето на вакви спогодби во меѓународни рамки претставува важен инструмент за унапредување на поврзаноста меѓу државите и зајакнување на економската, политичка и институционална соработка. Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство, стои во соопштението од ресорот предводен од Александар Николоски.