Пред месец и пол, јавно објавив дека во болницата „Бардовци“ треба инвестиции од аспект на инфраструктура и човечки ресурси. За жал, немилиот настан ќе го забрза процесот, но треба да учиме и јас сум за политики – Министерството да превенира, а не да постапува по вакви случаи, изјави министерот за здравство, Азир Алиу за убиството во психијатриската болница „Бардовци“.
Алиу истакна дека ова треба да биде уште една лекција дека инвестициите во здравството се неопходни за процесите да бидат стабилни и услугите да бидат пружени во реално време.
-Истражуваме што точно се случило. Утре или задутре ќе имаме повеќе информации, додаде министерот.
Осуденик загина по физичка пресметка што пред две вечери се случила во судскиот оддел на Психијатриската болница „Бардовци“. Во тепачката учествувале двајца осуденици – 35 годишник од Неготино и 62 годишен осуденик од Љубанци, кој бил удрен со стаклено шише, по што изгубил свест. Тој бил пренесен во Ургентниот центар, каде им подлегнал на повредите. Напаѓачот издржувал казна за убиство.
Дел од медиумите објавија дека сторителот на делото слободно се шетал низ Скопје, а вработените во установата уште претходно пријавувале проблеми со лицето односно дека трпеле закани од негова страна.