Министерот за економија, Бесар Дурмиши заедно со својот заменик Марјан Ристески и директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски беа во посета на неколку маркети во главниот град каде што правеа обиколка и вршеа увид дали се поставени производите како дел од мерката „новогодишна кошничка“. Според Дурмиши, околу 95 трговци понудиле намалување на над 1100 производи.
Министерот вели дека листата е отворена и понатаму можат да се придружат и други трговци. Дурмиши побара од граѓаните да пријават во Министерството за економија доколку забележат неправилности од страна на продавниците и маркетите.
-Овие шест дена, ДПИ е на терен и врши мониторинг. Можам да кажам дека освен ситни забелешки, во смисла на соодветно одбележување на производите и ситни корекции на цените на 2-3 трговски субјекти, во поголеми размери нема неправилности. Имаме поплаки од страна на граѓаните. Постапуваме по тоа и соодветно ќе ги известиме, рече Стојкоски во изјавата за медиумите.
Лебот, месото, месото, млечните производи, овошјето, зеленчукот, житариците, безалкохолните и алкохолните пијалаци и уште 1.000 производи од сега ќе се продаваат за 10% поевтино. Стартуваше мерката „Новогодишна кошничка“, за која граѓаните се надеваат дека ќе има ефект, а трговците тоа ќе го почитуваат. Едни со душа чекаат да купат поевтино, а други пак, се песимисти дека ќе има реално намалување на артиклите.
Листата на производи кои се дел од оваа кошница може да се најде на интернет-страницата „mojakosnica.mk“. Потрошувачите доколку забележат неправилности да ги пријават на 191, апелираат од ДПИ.
Мерката ќе трае од 15 декември до 15 јануари.