Министрите за финансии на земјите од еврозоната ќе разговараат за обврските на Грција кон европските партнери и донатори по изборната победа и доаѓањето на власт на крајно левичарската партија “Сириза”. Седницата е во доцните попладневни часови денеска во Брисел.

Досега Грција добила од Европската унија вкупно над 240 милијарди евра. Спасувачката програма истекува на 28 фервуари и ако не биде договорена нова, можеби ќе треба Атина да бара други извори на финансирање.
На 8 февруари во својот прв говор пред парламентот како премиер Алексис Ципрас објави дека земјата нема да сака продолжување на сегашниот договор за помош. Тоа значи дека Атина не сака транша од 7,2 милијарди евра, замрзнат од т.н. Тројка поради неисполнети обврски на претходната влада и до разјаснување на политичката ситуација по предвремените избори на 25 јануари.
Потоа, при првото учество на Ципрас на Европскиот совет на лидерите во Брисел стана јасно дека Грција и доверителите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд не постигнале согласност за должничката криза.
Грчката влада има идеја да реструктуира 30% од своите обврски, заменувајќи ги со план за реформи,кој се состои од 10 точки. Доверителите на Грција сепак, на чело со Германија, инсистираат да не се променат условите на спасувачкиот план. Иако неусогласени во позициите минатата недела земјите изјавија дека се уште се надеваат на договор.
Во пресрет на денешната средба експертите прогнозираат взаемни отстапки кои ќе го направат можно продолжувањето на европската поддршка против реформи и финансиска дисциплина од грчка страна, забележува БНР.
Портпаролот на грчката влада Гаврил Сакеларидис вчера изјави дека Атина се согласи со своите европски партнери дека има потреба од национален план за реформи. Тој меѓутоа изјави, цитиран од Ројтерс, дека владата нема да се конфронтира со народот врз основа на налозите однадвор.