Миноски за заемот од Велика Британија: Фокусот на Коридорот 10 е економски оправдан – тоа е најфреквентната и најисплатлива рута за транспорт и трговија со ЕУ, иако Коридорот 8 има силно геостратешко значење

Без силна контрола и отчетност, позитивните ефекти можат да изостанат, вели екс-министерот Миноски за „Локално“ за 6-те милијарди од Велика Британија

од Nikola Popovski
90 прегледи

Од она што досега е достапно во медиумите, станува збор за средства наменети за инвестиции во инфраструктурата – пред сè во железничкиот сообраќај, развојот на здравствената инфраструктура, а се споменува и соработка во деловите на одбраната, безбедноста, образованието и слично. Сепак, за да се даде целосна и објективна оценка, потребни се повеќе детали за условите на кредитот, како што се: висината на каматната стапка, начинот и динамиката на повлекување на средствата – дали ќе бидат повлечени одеднаш или во определен период (на пример, во наредните 5 години), и сл. На тој начин ќе може да се согледа и целокупнот фискален ефект од овој договор, вели поранешниот министер за финансии и познавач на состојбите, Кирил Миноски во разговор за „Локално“ за средствата од Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија.

Според него, несомнено е дека инвестициите во инфраструктурата имаат позитивно влијание врз економскиот раст, особено преку т.н. мултипликативен ефект што тие го создаваат во економијата, но, од клучно значење е како ќе се управува со тие средства и каков ќе биде квалитетот на проектниот менаџмент.

-Без силна контрола и отчетност, позитивните ефекти можат да изостанат, потенцира екс-министерот.

Миноски информира дека изборот на заем „влада со влада“ често се прави кога постои интерес од кредиторската држава да поддржи свои компании, да воспостави или зајакне геополитичко влијание или да понуди побрза и пофлексибилна процедура отколку што е тоа возможно преку меѓународните финансиски институции.

-Владата, најверојатно, се одлучила за ваков модел поради побрзата реализација, избегнување на сложени бирократски процедури и, евентуално, поради конкретни комерцијални или политички договори поврзани со заемот. Што се однесува до европските грантови – тие се достапни преку Механизмот за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, но вкупниот фонд за целиот регион до 2027 година изнесува 6 милијарди евра. Од друга страна, земјите-членки на ЕУ, како Хрватска, Бугарија и Романија, имаат сосема поинаков пристап до фондовите, поради нивниот членски статус, што овозможува користење на структурни и кохезиски фондови на ЕУ во значително повисоки износи, наведува Миноски.

Претпоставува дека причината за ваквиот тип на заем и поради политичкиот аспект, односно зајакнување на билатералните односи со Обединетото Кралство.

Овој модел на финансирање овозможува директни договори, а понекогаш и ангажман на фирми од земјата-кредитор, објаснува екс-министерот, по што одговара на прашањето дали само Коридорот 10 е во фокусот на Владата и дали смета дека некако Коридорот 8 се става настрана.

-И Коридорот 8 и Коридорот 10 се дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) и се од клучно значење за политичката и економската самоодржливост на државата. Фокусот на Коридорот 10 е економски оправдан, бидејќи тоа е најфреквентната и најисплатлива рута за транспорт и трговија со Европската Унија. Сепак, Коридорот 8 има силно геостратешко значење – го поврзува западниот и источниот дел на Балканот, со директна врска меѓу Албанија и Бугарија и нè позиционира како важна транзитна земја, особено по влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната, што во одредена мера ја изолира Македонија.

Важно е Коридорот 8 да не биде запоставен. Во таа насока, мислам дека во моментов е во тек постапка за јавна набавка за изградба на делници од овој коридор, што е позитивен сигнал, констатира Миноски.

Инвестициите во инфраструктурата, особено во Железницата на Коридорот 10, остануваат сериозен предизвик на Владата, откако се стави потпис на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. Според директорот на МЖ Инфраструктура, целосно ќе се обнови постојната траса на пругата за возовите да возат со брзина од 160 километри на час за патничкиот сообраќај. Ќе се изгради и нова пруга со два колосека.

Паралелно со изградбата на пругата, ќе се реконструира и Железничката станица во Скопје. Предвидено е и изградба на пруга до Меѓународниот аеродром Скопје, односно изведувачот во исто време да проектира и да гради.

Со модернизацијата на железничкиот сообраќај, земјава ќе се бетонира како најдобриот, најбрзиот и најисплатливиот железнички сообраќај од грчките пристаништа до европските дестинации. Целата инвестиција се очекува да трае околу 5 години.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче обвинува дека ова е историско задолжување од 6 милијарди евра за граѓаните, а Владата ги крие деталите. Вели дека СДСМ ќе го поддржи договорот за стратешко партнерство, но за делот со заемот јавноста нема никакви информации и дека власта е должна да ги соопшти. Порачуваат дека не смее да се остави простор за шпекулации околу условите и каматните стапки.

Н.П.

Слични содржини