Миновски: Географската поставеност и природните ресурси на нашата земја се огромен потенцијал за производство на чиста енергија од обновливи извори

од Берта Китинска
785 прегледи

Со правилна стратегија за развој на енергетиката во нашата земја, прифатена од сите чинители во општеството и реализирана од сите политички Влади во наредниот период, можеме да станеме енергетски независна држава, чија енергетика ќе се базира на производство на чиста енергија,вели во интервју за „Локално“, порф. Драган Миновски од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“.

Според него географската поставеност и природените ресурси во нашата земја се огормен потенцијал за производство на чиста енергија од обновливи извори.

-Интензитетот на сончево зрачење кај нас е далеку поголем од она што е во одредени земји од Западна Европа, но за жал нивното користење кај нас е неспоредливо помало од тоа што е кај нив. Се надевам дека во иднина тоа ќе се промени и се повеќе енергија од обновливи извори ќе се произведува и троши и во нашата земја, вели Миновски.

Цените на електричната енергија од соларните и ветерните фарми на водечките светски пазари скокнаа за речиси 30 отсто за една година.Дали ова ја спречува генарлно зеланта тразинација во светот?

Енергетската транзиција во Европа е процес кој се реализира во изминатите години и кој продолжува да се реализира, а во наредниот период согласно моменталната ситуација на енергетските пазари и одлуките од страна на ЕУ, ќе продолжи да се релализира со многу позабрзано темпо. Цените за инсталирање на фотоволтаични системи и ветерни електрани, во изминатите неколку месеци се зголемени, како резултат на зголемените цени на основните компненти и материјали од кои се направени, како и зголемените цени на самата инсталација. Сепак тоа нема да го спречи самиот процес на енергетска транзиција и мислам дека и Европа, а и нашата земја забрзано ќе продолжи кон инсталација на се повеќе обновливи извори на енергија во енергетските системи, постепено напуштајќи го користењето на јагленот како основен извор на енергија.

Колку Македонија има капацитет да корисит почисти енергии и се помалку да користи гас и нафта?

Географската поставеност и природните ресурси на нашата земја се огрmen потенцијал за производство на чиста енергија од обновливи извори. Интензитетот на сончево зрачење кај нас е далеку поголем од она што е во одредени земји од Западна Европа, но за жал нивното користење кај нас е неспоредливо помало од тоа што е кај нив. Се надевам дека во иднина тоа ќе се промени и се повеќе енергија од обновливи извори ќе се произведува и троши и во нашата земја. Интересот кај домаќинствата и фирмите за поставување на фотоволтаични централи и за производство на електрична енергија за сопствени потреби е огромен во последните месеци. Согласно информациите од енергетските компании, во моментот пости интерес за поставување на фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, од неколку (GW) гигавати или 2-3 пати повеќе од она што е моменталниот инсталиран капацитет на сите производни капацитети во државата. Доколку се реализираат овие најави, како и доколку се овозможат услови за нивна реализација, како што се зголемени инвестиции во електро преносната и дистрибутивната мрежа, инвестиции во големи системи за складирање и балансирање на производството и потрошувачката на електрична енергија, со сигурност ќе се намали потребата и зависноста на нашата земја од увоз на енергенси, како што се јагленот, природниот гас и нафта и нафтените деривати.

Постои ли можност Македонија да стане енергетски „независна“ користејќи зелена енергија?

Кратко речено технички е возможно и изводливо, но дали има спремност од сите чинители во општеството, тоа е друго прашање. Со правилна стратегија за развој на енергетиката во нашата земја, прифатена од сите чинители во општеството и реализирана од сите политички Влади во наредниот период, можеме да станеме енергетски независна држава, чија енергетика ќе се базира на производство на чиста енергија. Ова е тежок процес, процес кој бара многу време, многу инвестиции, многу вложувања и ангажман од сите чинители, како од производителите, така и од потрошувачите. Обновливите извори на енергија, не само што обезбедуваат чиста енергија, туку обезбедуваат и поголема независност. Со нивно се поголемо користење, се намалува увозот на електрична енергија, природен гас, нафта и нафтени деривати, со што нашата земја станува се понезависна од увоз на енергенси, нашата економија зајакнува, а нашите производи стануваат се поконкурентни на пазарите. Ова е единстевниот начин да постигнеме сигурна енергетска иднина на нашата земја.

Возможно ли е во одреден период целосно да се отргнеме од увозот од стрнаските системи на диструбуција?

Како што и претходно наведов, сето тоа технички е возможно, но потребен е ангажман на сите чинители во општеството, потребна е една нова стратегија за развој на енергетиката и енергетска транзиција на нашата земја, стратегија која ќе биде подготвена од сите чинители (Универзитетите, невладиниот сектор, граѓаните, политичките структури и тн.) и ќе биде почитувана од сите политички Влади во наредните години. Се надевам дека изминатите кризи економска, здравствена, енергетска и военополитичка, ќе не соединат сите да направиме големи чекори кон обезбедување на поголема енергетска независност и сигурност на нашата земја, базирана на чисти извори на енеригија.

Сметате ли дека е добра одлуката секој граѓани да има можност да постави фотоволтаици во своите домови? Дали моќноста до 4 кwh за сопствени потреби е премалку и треба да се зголеми границата?

Оваа одлука со која ќе се овозможи поставување на фотоволтаични системи на крововите на домаќинствата е навистина голем чекор кон поголема енергетска сигурност и независнист на нашата земја, а и на домаќинствата воопшто. Со оваа одлука ќе се овозможи секое домаќинство да може да постави фотоволтаична електрана, при тоа производството на електрична енергија од неа да биде за сопствени потреби, а вишоците да се продаваат на пазарот односно на снабдувачите со електрична енергија по цени кои се конкурентни. Со ова ќе се овозможи едно домаќинство да генерира прилично големи заштеди во делот на трошоците на електрична енергија на месечно ниво, но и да генерира и одредени дополнителни приходи. Согласно анализите инвестицијата во еден таков систем би била прилочно профитабилна и би се враќала за многу кратко време, период од околу 5 до 6 години, а животниот век – периодот на користење на ваквите системи е 25 години. Очекувам во наредниот период интересот за поставување на фотоволтаични електрани на домаќинствата да биде многу голем и да имаме се повеќе домаќинства со сопствено производство на електрична енергија. Во однос на инсталираниот капацитет и ограничувањата од 4 kW, сметам дека овој капацитет е доволен за домаќинствата во нашата земја со просечна потрошувачка. За одредни домаќинства кои имаат поголема потрошувачка на електрична енергија на месечна основа, инсталираниот капацитет треба да се зголеми, но сепак треба да се внимава, како во однос на потребите на домаќинството, така и во однос на капацитетот на електроенергетската мрежа. Секако ваквата можност треба првенствено да биде за сопствени потреби за домаќинствата, а не за комерцијални цели и при тоа оваа можност да се користи од сите, а не само од поедини домаќинства. Оваа одлука е навистина голем чекор кон побрза и поправедна енергетска транзиција на нашата земја.

Б.М.

Слични содржини