Миновски: Можеме да станеме енергетски хаб со изградбата на нафтовод од Србија кон С.Македонија

од Берта Китинска

Нашиот северен сосед Србија планира изградба на нафтовод низ Македонија до пристаништето Драч, како и гасно поврзување со нашата држава.

Проф. Драган Миновски од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во разговор за „Локално”, вели дека со овој проект државата ќе стане „енергетски хаб за целиот дел од југоисточна Европа”.

-Пред се ова ќе значи дека нашата држава ќе стане на некој начин енергетски хаб за целот дел од југоисточна Европа. Затоа што ќе поминуваат прилично главните рути за снабдување со енергија во наредниот период како за нашата држава така и за околните држава. И со тоа државата ќе има бенефит поради транзит на нафта, гас и сите останати енергенси, вели проф. Миновски.

Тој потенцира дека владата треба да започне веднаш со активности бидејќи самиот проект ќе добива се поголемо значење како за регионот така и за нашата држава.

-Сметам дека треба да почнат активностите веднаш од причина што регионалните проекти во наредниот период ќе добиваат се поголемо значење како за енергетиката така и за економијата и целокупниот живот. Регионалната соработка е клучна за нашата држава како и за околните држави и нивната соработка, подвлекува професорот.

Нафтовод кон Македонија, со два крака – кон Солун и кон Драч

Српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ оценува дека веќе сме во „енергетска војна“.

Таа повтори дека нема опасност од недостиг на нафтени деривати на српскиот пазар и дека новиот пакет санкции на ЕУ со кој се забранува увоз на руска сурова нафта нема да влијае на стабилноста на снабдувањето.

Михајловиќ оцени дека изградбата на нафтовод до Унгарија и до Албанија и Грција, преку Северна Македонија, ќе значи дека Србија станува транзитна рута.

-Го имаме Јанаф, преку тој гасовод добиваме нафта, но важно е стратешки да размислуваме. Нафтовод од Панчево до Ниш, Скопје и два крака – до Солун и Драч, а од друга страна, изградба на нафтовод од Панчево до Унгарија, би значело да Србија станува транзитна рута. Станува збор за инвестиции од 500 до 700 милиони евра, но тоа е вообичаено за вакви големи проекти кои се значајни не само за Србија и регионот, туку и за пошироко, се наведува во соопштението за медиуми на вицепремиерката Михајловиќ.

Б.М.

Слични содржини