Интервју со Димитриевски: Во првите 100 дена предвидено е формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне процес за адаптација на преговарачката рамка

од Nikola Popovski

Кај нас знаете, речиси секои избори се историски, но мислам дека овие избори можат да бидат историски доколку граѓаните со својот глас излезат од системот на едните или другите. Или како јас што го нарекувам црно-сивиот свет во Македонија. 30 години се гласа за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ и 20 години се гласа за ДУИ кај албанскиот блок. И со секоја смена на власта, ситуацијата во земјата е се полоша, вели во интервју за „Локално“, кандидатот за претседател и лидер на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски за изборниот процес во земјава.

За црната листа на САД и потребата од носење на Закон за рестриктивни мерки, Димитриевски оценува дека со тоа се задира во уставниот поредок на државата, а Македонија покажува и докажува дека институциите не функционираат, а особено Обвинителството.

-Нема да имаме проблем да бидеме во коалиција со било која партија од моноетничкиот албански блок, доколку се за европски вредности и критериуми и не работат против интересите на македонската држава, во која живееме сите заедно, наведува претседателскиот кандидат.

Според првиот човек на општина Куманово, државноста на Македонија е загрозена повеќе од осум години. Поради тоа, тој нагласува дека доколку стане шеф на државата ќе ги развива односите со сите соседни држави и со државите од регионот, засновани на спроведување на договорите на база на реципроцитет со добра волја од сите страни.

-Во однос на уставните измени на јавноста и е познат мојот став и тој сега е вграден и во мојата програма, поточно во третиот приоритет од „Манифестот за Македонија“. Таму многу јасно е наведено дека по преземањето на претседателската функција во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со соседна Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија, истакнува Димитриевски за темата која е најактуелна во предизборната кампања речиси помеѓу сите кандидати.

Партиите веќе длабоко се навлезени во кампањата. Веќе се изнаслушавме разни обвинувања од големите партии, кон вас дури е поднесена и кривична пријава непосредно пред стартот. Со оглед дека некои ги нарекуваат „историски“ овие избори, дали очекувате ова да биде најцрната кампања досега?

-Кај нас знаете, речиси секои избори се историски. Но мислам дека овие избори можат да бидат историски доколку граѓанинте со својот глас излезат од системот аа  едните или другите. Или како јас што го нарекувам црно-сивиот свет во Македонија. 30 години се гласа за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ  и 20 години се гласа за ДУИ кај албанскиот блок. И со секоја смена на власта ситуацијата во земјата е се полоша.  Дел од граѓаните веруваa дека истите оние што претходно не ја воделе државата како треба, односно не донеле економски просперитет, не ја сузбиле корупцијата,  ја партизирале државата по сите основи, ја убиле надежта дека може да е поинаку и со тоа придонеле луѓето да се иселуваат се повеќе, овој пат ќе бидат поинакви. Дел пак вели нема за кого да се гласа и си седи дома. Овој пат има за кого да се гласа. На политичката сцена во Македонија има нова сила, нова енергија, свежина олицетворена во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Јас се верувам дека граѓаните овој пат ќе ја препознаат оваа опција и ќе ја дадат својата  поддршка за кандидатите на ЗНАМ.

Имаме и кандидати кои се најдоа на црната листа на САД, како и такви кои велат „им излегализирав се диво на бившите сопартијци“ и никој ништо не реагира. Дали, по ваше мислење, треба ваквите кандидати да се повлечат поради делата за кои се товарат?

-Дали треба да се повлечат или не е одлука што самите треба да ја донесат. Се ова покажува дека за жал сликата за Македонија е поразителна. Нема функционални институции. Обвинителството едноставно не си ја врши работата согласно законите, туку работи по налог. Немаме судска власт која применувајќи ги законите ги штити интересите на државата и на граѓаните во чие име, нели и ги носи пресудите.

Но, сето ова по изборите ќе се смени. Следат реформи во таканаречената трета власт, или да бидам едноставен, чесните ќе опстанат.

Дали сте за носење на Законот за рестриктивни мерки?

-Видете, ние Закон за рестриктивни мерки имаме донесено, мислам некаде 2017 година. Сега се сака да се направат измени на тој закон, со кои сметам дека се задира во уставниот поредок на државата, а Македонија покажува и докажува дека институциите не функционираат, а особено Обвинителството. Знаете црните листи државите ги прават за свои цели и интереси. Имаат некакви сознанија и сакаат да се заштитат, да ги заштитат своите граѓани, фирми. Ние како држава не треба да чекаме некој однадвор да ни кажува дека има криминал во државата, односно дека некој функционер, политичар прави криминал,  за да реагираат институциите. Тие треба да си ја вршат работата професионално, одговорно и во согласност со законите. Но за жал тоа не е така. Секојдневно, со години  гледаме дека најголемиот криминал проаѓа неказнето. По затворите најчесто лежат ситните криминалци. Спрегите кои постојат помеѓу партиите, политичарите, бизнисот, судската власт си го прават своето и Македонија е земја во која криминалот и корупцијата се на многу високо ниво. Според мене ние со измените на овој закон, покрај другото ја потврдуваме и озаконуваме констатацијата дека Обвинителството не си ја врши работата за која е основано, а особено она за организиран криминал и некој, односно владата, треба да му каже дека во тој и тој случај треба секако да постапи, односно да оотвори предмет и да поднесе пријава до надлежиот суд. Па за што постои Обвинителството. Во законот си има одредба дека по допрен глас Обвинителството е должно да постапи. Но кога на сцена ги имате спрегите за кои претходно говорев, Обвинителството не постапува. Си молчи. Всушност постапува само по налог за одредени  лица. И сега ќе донесеме измени на Законот и владата ќе му каже на Обвинителството дека задолжително треба да постапи. Во најмала рака циркус.

Токму затоа во мојата програма за претседателските избори, насловена како „Манифест за Македонија“, во приоритетот број пет е предвидено во првите 100 дена да предложиме Национална Стратегија за борба против корупцијата. Во таа насока изразувам подготвеност да дискутираме за правните модалитети за промена на Уставот во насока да се спречи апсолутната застареност на кривични дела сторени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт. Сметам дека е неопходно, заради обезбедување на правна сигурност, еднаквост пред законите и неселективна правда, во следниот парламентарен состав да се отвори прашањето за законски промени за избор на Јавен обвинител на Република Македонија. Наместо на предлог на Владата, истиот да се избира со двотретинско мнозинство на предлог на опозицијата, со мандат од шест години.

Каде Максим Димитриевски ги гледа своите шанси на претсетдателските избори, а каде ЗНАМ на парламентарните? Велите дека ќе бидете клучни при формирањето на идната влада…

-Јас ги гледам моите шанси на претседателските избори кај граѓаните. Влегов во оваа борба, бидејќи претходно имавме  анализи, сондажи и многу средби, отворени средби со граѓани, не само во Куманово, туку и во  цела Македонија. Пораките кои  беа упатувани ме поттикнаа да се одважам и да го направам она што го направив во Куманово и на државно ниво. Знаете,  кога имате успех во работата, кога гледате дека граѓаните се задоволни, дека сте ги обединиле за одредени прашања,  дека ве поддржуваат, тоа е доказ дека можете и  треба да се продолжи на тој пат. На Македонија ѝ треба обединување. На Македонија ѝ треба претседател кој ќе ги штити интересите на граѓаните и нема да потпишува закони со кои ќе се амнестираат криминалот и корупцијата. Претседателот  на државата има механизми со кои може да го насочи бродот да плови на вистинскиот пат. Тие треба да се искористат. Некој мора да биде коректив на изршната и законодавната власт доколку застранат, доколку не работат согласно законите, Уставот, интересите на државата и граѓаните. Затоа јас со личен пример ќе мотивирам, поттикнувам и придонесувам секој граѓанин да го даде својот максимум. Само со максимум напори, макотрпна работа и остварување на целите, од сите нас заедно и секој поединечно, со ум и со разум, Македонија може да стане држава каква што посакуваме. Што се однесува до партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија, сметам дека шансата е во програмата што ја нудиме, во луѓето кои ги нудиме и во цврстата определба Македонија да стане подобро место за живеење и да излезе од сивилото кое владее со децении.

Често вашите изјави се третираат како националистички од страна на албанските партии. Ќе имате ли проблем да бидете во коалиција со партии од албанскиот блок?

-Македонија е држава на македонскиот народ и неговиот вековен стремеж за своја држава. Основните начела на кои почива се АСНОМ-ските принципи, како држава на македонскиот народ и сите граѓани што живеат во неа со подеднакви права, но и обврски спрема државата. Има линии од кои Македонците не смеат да отстапат доколку сакаат да имаат држава  и да си го зачуваат својот идентитет и достоинство. Тие се темелат на  АСНОМ-ските документи.

Не може Македонците во сопствената држава да бидат граѓани од втор ред и да се чувствуваат обесправени. И не само да се чувствуваат, туку де факто и да се, особено поради воведувањето на етничките клучеви во разни области на општественото живеење. Етничките заедници кои живеат во Македонија ги уживаат сите права, согласно меѓународните стандарди. Дури во некои сегменти тие права се и поголеми. Но недозволиво е да имаме ситуација, ситуации, во кои само поради тоа што некој е припадник на одредена заедница, ќе биде примен на работа или да извршува некаква функција, а реално ги нема потребните познавања, знаења и не ги задоволува потребните критериуми, а друг кандидат кој ги задоволува сите критериуми, Македонец, нема да го добие местото. Еве ќе го дадам примерот со Академијата за судии и обвинители. Таму за Македонците има едни критериуми, а за припадниците на заедниците други. Односно тие може да влезат во Академијата со многу помалку освоени бодови на приемниот тест. Дискриминација пар екселанс. И после во судството и обвинителството е ситуацијата каква што е. Партиска послушост и роднински-бизнис врски. Ако некој смета дека барањето  секој  да исполнува критериуми за позицијата каде што треба да е или е, и да го има потребното знаење, без разлика на националната припадност, е националистичко, тогаш тоа е така. Но јас сметам дека не е. Македонија мора да има квалитетни луѓе во сите сегменти и во сите институции без разлика на етничката или било каква друга припадност.

Но, да ви одговорам директно на прашањето. Нема да имаме проблем да бидеме во коалиција со било која партија од моноетничкиот албански блок, доколку се за европски вредности и критериуми и не работат против интересите на македонската држава, во која живееме сите заедно.

Бевте дел од СДСМ, формиравте свое движење, барем засега излегувате сами. Иако според анкетите, кои деновиве силно се оспорени од владејачката партија поради наводен фалсификат, победникот кај македонскиот блок е јасен, кои се вашите услови, или ,,црвени линии” под кои би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ?

-Победникот ќе биде јасен по завршувањето на изборите и пребројувањето на гласовите. Повеќе пати сме кажале дека нашата цел е да воспоставиме високо ниво на морални вредности и да создадеме систем којшто ќе функционира во интерес на граѓаните и државата. Во зависност од изборните резултати и програмските определби, а пред се националните интереси, ќе се донесе одлука од страна на органите на партијата за учество во идната влада. Сум кажал и претходно дека не ја исклучуваме можноста да делуваме и опозициски.

 

Загрозена ли е државноста на Македонија во изминативе 8 години владеење на актуелната гарнитура? Дали работите се „неповратливи“, како што многумина велат? Вашата против-кандидатка оди дотаму што вели дека Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори…

-Државноста на Македонија е загрозена повеќе од осум години. Она што се случува во државата внатре е најголемиот загрозувач на државноста. Поделбата по сите основи. Фаворизирањето на партиските послушници, а не на квалитените луѓе и кадри, корупцијата, неказнивоста, нееднаквите услови за водење бизнис, различните аршини, се само дел од нештата кои ја разјадуваат силата на државата. Тоа доведува на надворешен план Македонија да покажува слабости кои  за резултат ја имаат ситуацијата во која сме. Лично сметам дека секоја ситуација може да се промени  со добро менаџирање и мудра политика. Нема вечно дадени нешта. Кога се сака може да се најде решение за секој проблем, колку и да изгледа голем. Во однос на договорите. Би сакал да потенцирам дека секој договор  има две страни. Во мојата програма за претседателските ибори „Манифест за Македонија“, нагласувам дека ќе ги развивам односите со сите соседни држави и со државите од регионот, засновани на спроведување на договорите на база на реципроцитет со добра волја од сите страни. Затоа што обврските во договорите се однесуваат на двете страни. Не може едната страна да ги исполни сите услови, а другата не. Тоа мора да се каже, да се нагласи. Македонија не смее да дозволи да биде во подредена положба. Реципроцитетот е нешто што треба да се применува во секој договор, секој однос. Само така можеме да стекнеме почит и да си го зачувме достоинството.

Сите се за ЕУ, но сите имаат „план“ како до таму. Доколку од вас зависи, како би го придвижиле евроинтегративниот процес напред? Дали можеби Уставни измени со одложено дејство се заштита од нови бугарски услови?

-Во „Манифестот за Македонија“ се предвидени неколку чекори за придвижување на процесот на интеграција. Со приоритетот број еден во првите 100 дена, во интерес на побрза европска интеграција, е предвидено формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности во врска со историските прашања кои ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентитет. Во однос на уставните измени на јавноста и е познат мојот став и тој сега е вграден и во мојата програма, поточно во третиот приоритет од „Манифестот за Македонија“. Таму многу јасно е наведено дека по преземањето на претседателската функција во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со соседна Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.  Тоа е неопходно, бидејќи како сега стојат работите ние можеме да бидеме уценувани и запирани на секој чекор.  Во „Манифестот  за Македонија“, во начелото број еден „Единствени во надворешната политика“, меѓу другото, е наведено дека како претседател на државата, ќе придонесувам, низ дијалог и аргументи, за постигнување висока согласност за стратегија за надворешната политика. Во второто начело, „Глас на разумот и обединувањето“ стои дека како претсесдател на државата ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со  политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во внатрешната и надворешната политика. Само така обединети, со разум и максимум напори на сите нивоа чекор по чекор ќе можеме да  ги смениме нештата и водата да ја наведеме на нашата воденица. Тука секако ќе ни биде потребна и поддршката на нашите стратешки партнери да се оствари целта.

Деновиве прославуваме годишнина од членствтото во НАТО, владата прави трибини да ни укаже за бенефитите кои ги имаме. Несомнено сме под големиот одбранбен чадор на Алијансата, но може ли членството во НАТО да не спаси од сегашната геополитичка ситуација, во која имаме војна во Украина и неизвесна ситуација на Северот на Косово? 

-Македонија со членството во НАТО обезбеди голем степен на сигурност и безбедност. Но, сметам дека е неопходно  нашата армија да биде подготвена да одговори на сите предизвици. Во „Манифестот за Македонија“ начелото број три е посветено токму на оваа тема, односно нашата одбрана и бебедност. Како врховен командант на Армијата на Македонија, ќе работам на зајакнување на капацитетите на македонската армија. Истовремено ќе ги вложам сите напори за да се валоризира нашето членство во НАТО и да се унапредува нашата  улога. Советот за безбедност под мое раководство ќе биде активен субјект во одбраната и во превенирање на заканите кон безбедноста на државата.

В.З. 

Слични содржини