МИОА: Родов дисбаланс во јавниот сектор

од Vladimir Zorba
159 прегледи

Родов дисбаланс кај вработените во јавниот сектор покажуваат податоците кои денска ги објави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Најизразена е ситуацијата во Уставниот суд каде што 90 проценти од вработените се жени. Ваков сооднос, но во корист на мажите има во секторот животна средина и  во транспорт каде што речиси 90 проценти од вработените се мажи.

Жените доминираат во секторот труд и социјала каде што од вкупниот број на вработени 79 проценти се жени, во здравството – жените се 70 проценти од вкупниот број на вработени, во образованието – повеќе од 60 проценти, колку што се и  во правосудството и во јавното обвинителство. Интересен е и податокот дека кај претседателот на државата, исто така повеќе од мнозинството вработени или 66 проценти се жени.

Мажите пак доминираат во информатичкиот сектор, комуналните работи и во секторите земјоделство и правда. Во овие сектори од вкупниот број на вработени околу 80 проценти се мажи.

Родов баланс има само во културата каде што речиси е изедначен бројот на вработени мажи и жени и во секторите управа и информирање.

Со вкрстени податоци од неколку министерства и институции се дошло до бројката од 139.000 вработени во јавниот сектор, вклучувајќи ги тука и акционерските друштва и вработените преку агенциите за привремени вработувања.

Од крајот на 2016-та до сега бројот е намален за 951 вработен. Манчевски вели, тоа е поради природниот одлив или пензионирање бидејќи просечната старост на вработените во јавниот сектор изнесува нешто над 45 години.

Според генералната слика, во јавниот сектор 54 проценти се жени, а 46 отсто се мажи. Според етничката припадност Македонци има 75,36 отсто, Албанци – 19,31 отсто, Турци -1,84 отсто, Роми – 1,14 отсто, Срби – 0,91 отсто, Бошњаци – 0,39 отсто. Вкупно 42,45 отсто од вработените се со високо образование, а 34,81 отсто се со средно образование.