Мирен и масовен протест на учениците и студентите во Атина против приватните факултети

од Radmila Tasevska
171 прегледи

Мирен и масовен протест, петти по ред, одржаа  учениците и студентите во Атина против одлуката и предлог-законот на Владата за отворање приватни факултети, јави дописничката на МИА од Атина.

Илјадници студенти ги преплавија улиците во центарот на Атина на протестот што траеше над четири часа, а пораката беше истата онаа што веќе пет седмици ја испраќаат секој четврток за време на нивните демонстрации: дека високото образование мора да остане државно и бесплатно.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина студентите коментираат дека предлог-законот што вчера го претстави министерот за образование на Грција Кирјакос Пиеракакис, е неправеден, дека всушност со отворањето на приватните универзитети се деградираат државните, но и дека нема да отстапат од нивното барање Владата да ја повлече конкретната одлука.

Студентите и учениците добија поддршка од Синдикатот на вработените во државниот сектор кои имаа неколку часовен прекин со работата, но и од универзитетски професори и просветни работници.

Процените на полицијата се дека на денешниот протест учествуваа околу 15.000 лица, што воедно беше и најмасовниот протест што досега го одржаа студентите и учениците.

Протестите започнаа на почетокот на јануари и се одржуваат секој четврток, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, а конкретниот предлог-закон се очекува до крајот на февруари да биде изгласан во Парламентот.

Министерот за образование на Грција вчера соопшти дека од септември 2025 година недржавните и непрофитни универзитети ќе почнат со работа во Грција, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити.

Слични содржини