Денеска во 18 часот се организира граѓански собир на раскрсницата помеѓу булеварите АСНОМ и Србија, пред мостот Киро Глигоров поради екоцидот и лошата миризба која се чувствува во последните денови низ Аеродром. На собирот треба да ги договорат секојдневните протести што ги најавија на флаери, односно известувања. Жителите најавуваат дека секој ден во 16 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите дури не се среди проблемот со дивата депонија „Вардариште“, која гореше и во неделата.
-ЕКОЦИДОТ или силната миризба која ја чуствуваме изминативе неколку дена е неподнослива и со сигурност неизмерно штети на нашето здравје. Нашите дечиња школската година ја започнаа во најлоши можни околности. Наша граѓанска должност е да побараме СЕГА И ВЕДНАШ разрешување на овој проблем. Како граѓани се прашуваме: Кои институции ни недостасуваат за да го решат овој проблем? СЕГА И ВЕДНАШ, не по изборите, ниту во наредниот период. Веруваме дека овој проблем сите нас доволно не засега и мирно со блокирање на раскрасницата помеѓу булеварите АСНОМ и Србија, пред мостот Киро Глигоров, во 16:00 часот, секој ден ќе допреме до надлежните за разрешување на овој проблем СЕГА и ВЕДНАШ, стои на залепените флаери.
Жителите нагласуваат дека осум години негрижа и молк од Град Скопје ја довеле депонијата до колапс, а тие и нивните деца секојдневно го чувствуваат загадениот воздух.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информира дека загадувањето на воздухот што деновиве најмногу се чувствува на територија на општините Аеродром и Гази Баба е поради потпалувањето на депонијата. Тој тврди дека Градот Скопје целосно ја запоставил депонијата во изминатите осум години и оценува дека не се бара решение, а најмногу страдаат граѓаните.
Аеродром, особено делот на Ново Лисиче и Лисиче, речиси секојдневно се соочуваат со загадување на воздухот од потпалување на депонијата Вардариште. Поради пожарот што завчера попладне ја зафати депонијата, екипите на Електродистрибуција превентивно го исклучија далноводот што ги снабдува трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, поради што жителите на скопските населби Аеродором и Ново Лисиче повеќе од три часа немаа струја.