Мировниот фонд на ЕУ планира помош за вооружените сили на Северна Македонија?

од Nikola Popovski
192 прегледи

Во наредниот период Европската унија во рамките на Европскиот фонд за мир ќе одобри мерки за финансиска помош за вооружените сили на Северна Македонија и Грузија, објави денеска европскиот портал „Б2“, специјализиран за европски безбедносни прашања.

Како што пишува „Б2“, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на 22 февруари го испратил предлогот до земјите членки, а предлогот за Северна Македонија веќе е на маса на Политичко-безбедносниот комитет на Унијата.

Се уште не е познато кога ќе биде донесена одлуката, а можно е високиот претставник Борел да го соопшти за време на посетата на земјава на 18 март.

Идејата е да им се помогне на македонските вооружени сили во набавката на клучна опрема за зајакнување на нивните оперативни способности, во логистика, медицинска поддршка, комуникациски и информациски системи, како и во областа на разузнавањето и ризиците од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.

Сумата за која треба да биде донесена одлука е девет милиони евра.

Како што пишува „Б2“, Скопје до сега нема користено ваков вид воена помош.

За Грузија се предвидени 30 милиони евра за земјата да ја комплетира својата опрема во пет области: инженерство, артилериска мобилност, медицина, сајбер одбрана и логистика.