Мисајловски: Ќе продолжи да се спроведува набавката на хеликоптерите од Италија, Антикорупциска да се произнесе поскоро

од Илинка Илиоска
38 прегледи

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска потврди дека ќе продолжи да се спроведува Договорот за набавката на осум хеликопетри од италијанскиот производител Леонардо, склучен на ниво на држава со држава од поранешната Влада и ја повика Антикорупциската комисија да се произнесе поскоро за поднесената претставка по однос набавката.

-Денеска официјално ќе имаме управна група каде што ќе има две точки за разгледување – новиот буџет за наредната година каде треба да ги испланираме сите средства и исто така да ги видиме програмските цели за наредната година. Тука се сите оние цели што НАТО ги задава како нашата обврска, но и да ги разгледаме сите потребни наши чекори како да обезбедивме средства за дополнителни финансии. Имаме  потпишан договор кој чини навистина премногу со Леонардо за пристигнување осум хеликоптери. Вчера имавме состанок со амбасадорот и со новото аташе и со старото кое замина. Разговаравме за повеќе работи. Сега треба да се формираат дополнителни тимови каде што ќе започне оваа постапка за да се почитува договорот, рече Мисајловски на новинарско прашање останува ли договореното хеликоптерите Леонардо да почнат да пристигнуваат во 2026 година.

Иако имаше и една претставка од ДКСК за овој предмет, рече дека се уште немаат добиени информации. – Ја користам оваа прилика да повикам да се разгледа повторно таа преставка и да стигне до нас, бидејќи сакаме да знаеме што се случувало во минатото. Но она што е склучено по договор ние мора да продолжиме да го работиме, а тоа е една огромна набавка од преку 300 милиони евра за нови осум хеликопетри. Се очекува првиот во 2026 година, а низ годините да пристигнат останатите хеликопетри, рече Мисајловски.

Тој нагласи дека Министерството за одбрана ќе информира за сите детали околу реализацијата на оваа набавка.

-Мене ми е навистина жал што во овој момент ги немаме хеликоптерите бидејќи знаете што се случува во Македонија, и навистина ни се потребни, но така одат овие набавки склучени држава со држава. И за се она што ќе се случува транспарентно максимално ќе биде објавено, за нивното пристигнување. Тие ќе имаат дополнителна инсталација за потреба во случај на пожари, рече Мисајловски по примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарната „Илинден“.

Договори држава со држава земјата, посочи, има склучено и со Франција и со САД за страјкерите, и се она што е веќе потпишано ќе се реализира и ќе се исплаќа.

-Тоа се огромни средства за МО, но ние ќе правиме се од себе за да се зголемува буџетот, оваа година ќе програмираме да биде над 2,15 проценти согласно БДП. Денеска еве го имаме тој состанок, програмираме над 2,30 проценти да биде буџетот зголемен. Да видиме што ќе се случува, а последниот збор ќе го има Министерството за финансии, изјави Мисајловски, по примопредавањето на донација во опрема од Турција за нашата Армија.

Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, во име на владите на двете земји беше потпишан во март, годинава, од страна на министрите за одбрана Славјанка Петровска и Гуидо Кросето. Со потпишувањето на овој договор покрај набавката на осум хеликоптери кои треба да бидат испорачани во периодот од 2026 година до крајот на 2028 година, вклучен е и пакет за логистичка поддршка односно опрема, резервни делови, тренажер, комплетна обука на летечкиот и техничкиот персонал и изградба на модерен инфраструктурен објект.

Слични содржини