Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, најави историска победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. На вечерашната прес-конференцијата во партиското седиште, тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на голема победа, со разлика од 3:1, 6:1, 7:1, како и општини каде што разликата е 10:1.
-Разликата е некаде 3:1, некаде е 6:1, 7:1, а има општини каде што е 10:1. Во некои општини СДСМ е трета партија. Досега веќе се одбраа градоналаници во Кисела Вода, во Охрид, во Радовиш, Во Гази Баба, во Пехчево, во Делчево, во Ѓорче Петров, во Прилеп, во Битола, во Берово, во Гевгелија, во Сопиште, во Штип, во Бутел, Аеродром, Јегуновце, во Вевчани и на многу други места, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
– На прагот сме на убедлива победа во Струмица. Орце води убедливо во Скопје. Бројките ги собираме и сакаме да бидеме прецизни, додаде Мисајловски.
За Центар коалицијата води, а за Тетово кажа дека Билал Касами од Вреди води 2:1. Во Карпош кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски, води убедливо, но најверојатно ќе има втор круг.
Според него, владејачката ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе освои повеќе од 50 градоначалници.
Во однос на обвинувањата на СДСМ за изборни нерегуларности, Мисајловски рече дека разликата е толку огромна што, како што кажа, нема простор за ваквото алиби на СДСМ со кое сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл.
Во однос на ДУИ, Мисајловски рече: „Очигледно e дека се декласирани. Али ќе има време да си го анализира својот пораз“. Според Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ води во Центар, а во Тетово, Биљал Касами води со 2:1.