Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција во врска со трагедијата во Тетово истакна дека оставката секогаш билa и ќе биде чин на одговорност.
Според Мисајловски, одбивањето оставки во Владата по еден таков трагичен настан како во Тетово значи дека оваа Влада нема морал и оваа Влада не чувствува одговорност.
„ВМРО-ДПМНЕ не бара одговорност од Владата поради политичка малициозност или затоа што има лични мотиви против Заев или Венко Филипче, туку поради тоа што се неспособни, но и поради објективна истрага, која мора да ја има. Тоа што премиерот Заев го штити министерот Филипче значи дека и Заев треба да си поднесе оставка поради негово активно учество во несмасниот обид да се одговорат прашањата што ја мачат целата јавност“, нагласи Мисајловски.
Побара одговори и на прашањата кој е виновен што немало технички прием на модуларната во Тетово?
„Кој е виновен што немало ПП-апарати? Кој е виновен што е направена од ПУР-пена и никој не водел сметка дали таа е запалива? Кој е виновен што не се дозна кој ги исекол цевките за довод на кислород во модуларната болница во Тетово на почетокот? Кој е виновен што од роднини на пациенти на сестри, доктори и на болничари им се плаќало по 1.000 денари да водат грижа за пациентите и дали е тоа нормално? Кој е виновен што дополнително надвор од тендерска постапка се поврзувале кислородните цевки?“, запраша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.