Мишел Бачелет со осуда за употребата на смртоносна сила против демонстранти во Судан

од desk2
100 прегледи

Шефицата на ОН за човекови права Мишел Бачелет ја осуди употребата на смртоносна сила против демонстрантите во Судан.

-Ги повикувам безбедносните сили веднаш да ги запрат таквите напади, изјави високата комесарка на ОН во изјавата од Женева.

Бачелет рече дека демонстрантите биле инспирација во изминатите неколку месеци додека мирно демонстрирале и работеле за да се вклучат во Транзицискиот воен совет на земјата.

-Ова е вистински неуспех, рече таа во коментар за убиствата и повредите.

Најмалку 13 демонстранти загинаа кога владините сили се обидоа да ги растераат протестирачите, кои демонстрираа седејќи. Рано изутрина, силно вооружените паравоени сили го нападнаа местото каде се одржуваше седечкиот протест, кој беше дел од кампањата за воведување демократски реформи, пукајќи со солзавец и боева муниција.

Паравоените сили се дел од Брзите сили за поддршка, со кои командува Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемдети, кој исто така е и потпретседател на Транзискиот воен совет, кој управува со Судан откако Омар ал Башир со преврат беше симнат од власт на 11 април.