Нашите информации од состанокот на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кажуваат дека таму на премиерот јасно му било кажано дека ништо во Преговарачката рамка не може да се промени и дека не можат да се спроведат уставни измени со одложено дејство, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче откако се обелоденува дека Македонија ќе се одвои од пакетот со Албанија на патот кон полноправно членство во ЕУ.
Тој нагласи дека е убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме и дека, напротив, ќе добиеме.
Според него, оваа пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и уште една цела нова генерација.
Откако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во мај, новата влада на Мицкоски јасно стави до знаење дека сака повторно да преговара за т.н. Француски предлог. ЕУ ја отфрли таа можност и предупреди дека следниот чекор ќе биде раздвојување на патот кон ЕУ, што и веќе се случува.