Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да отпочне што е можно поскоро. Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија, кажа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на заедничката прес конференција со претседателот Стево Пендаровски.
-Јас сум навистина вклучен со Франција и ЕУ да помогнеме да се придвижи овој процес нанапред и убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу брзо, што ќе биде секако многу важно за вашата земја и за целиот регион, рече на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски што се одржа во Охрид.
Тој најави дека наредната недела ќе организира состанок на 27-те земји членки и земјите од Западен Балкан. Тоа, рече, е многу важно за ЕУ, и ќе биде можност да разговараат и да се координираат во, како што нагласи, во клучен и критичен момент од историјата.