Постигнавме договор за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија, кој јасно го покажува лидерството и единството на Европскиот совет и на ЕУ и капацитетот да се носат брз одлуки за решавање на сложени проблеми, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по завршувањето на специјалниот Самит на блокот на која главна тема беше ревизијата на европскиот буџет за периодот 2021-2027 година, во вкупна вредност од 64,6 милијарди евра.
„Откако на Самитот во декември донесовме одлука да почнеме преговори за членство со Украина и Молдавија, сега одиме чекор напред во кој сите 27 лидери се согласија за поддршка од дополнителни 50 милијарди евра за Украина во рамките на Украинскиот механизам“, истакна Мишел на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Покрај, 50-те милијарди евра наменети за Украина, од кои 17 милијарди евра грантови и 33 милијарди евра позајмици, од останатите средства со ревизијата, 7,6 милијарди евра се предвидени за поддршка на земјите од европското соседство и за партнерите ширум светот, од кои две милијарди за Западниот Балкан како дел од Планот за раст, по две милијарди за справување со миграцијата и управување со границите и за Инструментот за флексибилност на ЕУ и по 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд и како резерви за солидарност и итна помош.
Според Мишел, ваквата одлука е јасна порака до Украинците дека ЕУ е целосно посветена да ги поддржи нивната иднина и слобода, но и порака до европските граѓани дека во Унијата постои единство кое не е поткопано и покрај обидите на Русија да го стори тоа.
„Тоа е порака и до САД и нашите партнери во светот дека ја поддржуваме Украина и нејзиниот територијален интегритет“, додаде Мишел.
Тој потенцира дека поддршката за Украина останува приоритет на ЕУ и за таа цел ќе се прават напори за обезбедување на повеќе воена опрема за земјата преку Европскиот мировен механизам, како и дека е постигнат политички договор за користење на замрзнатите руски средства за помош на Украина.