Слушајќи го Мицкоски колку интелигентно ги разголува сопствените фрустрации, доаѓам до заклучок дека ВМРО уште долго ќе остане закотвено во длабоки води. Лидерот на „најголемата“ опозициска партија јавно се жали бидејќи лидерот на партијата која има само двајца пратеници во Собранието не ја прифатил поканата за пиење кафе, која Христијан му ја испраќал веќе подолго време.
Но сепак, Димче ја прифатил поканата на Стојанче. На Мицкоски не му било јасно зошто е тоа така? Причините за ова јавно сожалување се субјективни и објективни.
Објективни причини
Христијан има помал рејтинг од рејтингот на партијата која ја раководи, опкружен е со луѓе, кои го воспеваат поради лични и лукративни причини, најголемо достигнување му е шестиот пораз во низа, нема став по ниту едно прашање, а според популарноста е далеку позади сите останати лидери на партии.
Наспроти него, стои Димче, кој има став по сите прашања кој колку и да е неиздржан и смешен, успешно се продава на гласачите, создаде партија од нула, сега има висок рејтинг и двајца пратеници, а партијата ја води лидерски и суверено.
Имајќи ги во предвид овие работи многу лесно може да се заклучи зошто Димче пие кафе со Стојанче, а не со Христијан.
Па во Стојанче гледа лидер, а во Христијан не гледа лидер.
Субјективни причини
Овие причини се тесно поврзани со темите за кои би разговарале Димче и Христијан? Ако се има предвид дека во оваа жална земја, Димче е професор по право, а Христијан по машинство, логично би било да разговараат за Аграрната реформа во Сталинистички стил. Димче би го елаборирал правниот аспект на реформата, а Христијан делот кој е поврзан со земјоделските машини, имајќи ги во предвид машинските предзнаења на Христијан и неговиот аграрен пристап во политиката. До тука е ок, ќе се најдат во муабетите.
Е, ама што правиме кога ќе дојдат до делот за кој Димче ревносно се залага и дава цврсти ветувања, а тоа е делот за национализација на приватните и општите добра. Ќе треба Христијан да се согласи на национализација на со пот и мака заработените хидроцентрали, бидејќи тоа е и суштината на димчевата реформа, да се заплени се што е стекнато надвор од реалните приходи.
Сигурно би се отворила темата и за Преспанскиот и за Бугарскиот договор, за кои што договори Димче има цврст став, а Христијан нема став.
Претпоставувам дека би разговарале и за евентуална коалиција, при што Христијан би требало да се шлепа на рејтингот на Димче, бидејќи сопствениот му е низок. Е, ама Димче е интелигентен човек и знае дека во таква коалиција нема да може ја спроведе национализацијата, нема да знае дали би можел да влијае на поништување на договорите што ќе значи стрмоглав пад на личниот и партискиот рејтинг и негов крај во политиката.
Ова се причините поради кои Димче има попаметна работа од тоа да пие кафе со Христијан, па си пишува амандмани и си билда рејтинг, додека Христијан завидливо го следи грандиозниот успех на Стојанче, а тоа е да се искамчи кафе пиење со Лидерот Димче.
PS
Ја користам оваа прилика да му честитатм на Христијан за неговиот брилијантен и неповторлив успех да се биде лидер на партија кој направил повеќе протести во единица време од сите негови претходници.
Нај искрено кажано и од срце.
„Ме изеде туѓиот срам“
Колумна на Игор Есмеров