Мистериозна жена во последните месеци постојано го придружувала Ким Јонг Ун, но нејзиниот идентитет не е познат.
Мистериозна жена со црна чанта последниве месеци се појавува во придружбата на Ким Јонг Ун, привлекувајќи големо внимание во јавноста. Таа секогаш се појавува во фустан со едноставен крој, со наочари и црна чанта, а нејзиниот идентитет засега не е познат, пишува „Гардијан“.
Жената беше со севернокорејскиот лидер на голем концерт на отворено минатата недела и беше видена како носи папки во парламентот за време на говорот на Ким, во кој севернокорејскиот лидер вети дека никогаш нема да се откаже од нуклеарното оружје.
На видеата мистериозната придружничка се појавува покрај Ким, а понекогаш и далеку позади, но никој не ја идентификувал. Таа беше забележана за прв пат во февруари, а се проценува дека има триесет или четириесет години. Се шпекулира дека можеби станува збор за некој од роднините на Ким.
Се верува дека севернокорејскиот лидер има најмалку две полусестри – Ким Сол Јонг и Ким Јун Јонг, и двете родени во 1970-тите.
NK News изјави дека Ким Сол Јонг, постарата полусестра, можеби „останала активна во партиското раководство зад сцената“, бидејќи многу малку се знае за неа.