Водачот на приватната воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, беше погребан вчера на гробиштата во Санкт Петербург, во присуство на неговото семејство и најблиските пријатели, пренесува РИА Новости повикувајќи се на неименуван извор близок до Пригожин.
Според желбите на семејството, погребот бил одржан во нивно присуство и во присуство на најблиските пријатели на Пригожин, рекол изворот. Прес-службата на Пригожин соопшти дека секој што сака да се збогува со лидерот „Вагнер“ може да оди на гробиштата Порохов во Санкт Петербург.
Во текот на вчерашниот ден, владееше мистерија околу погребот на Пригожин, бидејќи времето и местото се чуваа во строга тајност. Бројни полициски сили обезбедија неколку гробишта во Санкт Петербург, а на портите имаше детектори за метал. Новинарите можеа само да претпостават дека шеесет и осумгодишниот Пригожин е меѓу тројцата членови на „Вагнер“, кои беа погребани вчера.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на Пригожин. Тој додаде дека Кремљ нема конкретни информации за погребот.
„На крајот, одлуката за ова прашање ја носат роднините и пријателите. Не можеме да кажеме ништо овде без нив“, им објасни на новинарите портпаролот на Кремљ.
Петербуршката новинска агенција „Фонтанка“ и некои други медиуми објавија дека Пригожин би можел да биде погребан на градските гробишта Серафимовско, кои се користеле за погребување на високи воени функционери. Силни полициски кордони ги опколија овие гробишта каде што биле погребани и родителите на Путин.
Очигледно се беше направено за да се прикрие трагата и да се прикрие погребот на Пригожин. До него вчера беше погребан еден од неговите заменици Валериј Чекалов, додека името на третиот погребан не беше споменато, но се претпоставува дека тој е Дмитриј Уткин, еден од замениците на Пригожин.
„Ројтерс“ објави дека освен неговото семејство, на погребот на Чекалов присуствувале и десетици луѓе, меѓу кои имало вагнеровци и дека тој бил погребан на гробиштата Северноје. На снимката од „Ројтерс“ се гледа дека тој е погребан според православните обичаи и дека присуствувал и свештеник.
„Некои, вклучително и жени и деца со очила за сонце, дојдоа да го бакнат неговиот ковчег. Неидентификувани ожалостени лица на погребот му наредиле на видеографот и фотографот на Ројтерс да престане да снима“, објави британската агенција.