Митески: Град Скопје целосно го запостави Вардариште

Депонијата не е на територија на општина Аеродром и немаме механизам како да делуваме, вели градоначалникот

од Nikola Popovski
22 прегледи

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информира дека загадувањето на воздухот што деновиве најмногу се чувствува на територија на општините Аеродром и Гази Баба е поради потпалувањето на депонијата Вардариште. Тој тврди дека Градот Скопје целосно ја запоставил депонијата во изминатите осум години и оценува дека не се бара решение, а најмногу страдаат граѓаните.

-Оваа депонија мора под итно да се решава. За жал, депонијата не е на територија на општина Аеродром и немаме механизам како да делуваме, но, во последните два дена сум во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи и ОЈО кои што веќе се излезени на терен и преземаат мерки за заштита на тој дел и за ограничување на пристапот и за утврдување на причините за потпалување.

Аеродром, особено делот на Ново Лисиче и Лисиче, речиси секојдневно се соочуваат со загадување на воздухот од потпалување на депонијата Вардариште. Поради пожарот што завчера попладне ја зафати депонијата, екипите на Електродистрибуција превентивно го исклучија далноводот што ги снабдува трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, поради што жителите на скопските населби Аеродором и Ново Лисиче повеќе од три часа немаа струја.