Портпаролот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денеска на прес конференција обвини дека „секој ден со СДС и ДУИ на власт губи Македонија, губи Скопје, губи народот дел од своето“.
„Поради неодговорноста на Димитар Ковачевски и Бисера Костадиновска Стојчевска кон Универзална сала, денес таа беше опфатена со огромен пожар. Симболот на постземјотресно Скопје 7 години е оставен на забот на времето, претворен во градежна руина. Подолг период наназад прашуваме кога е распишана набавката за реконструкција на Универзална сала, зошто на сајтот на Бирото за јавни набавки таква набавка од страна на министерството нема. Прашавме кој е избран за изведувач и на кој начин? Кој е надзор и, исто така, како е избран надзорот, но одговори не добиваме. Но затоа, веќе, вчера дознавме дека градежните фирми во Македонија реагираат на условите кои Министерството за култура ги бара од изведувачот, а салата сепак се гради“, истакна Митева.
Според неа, „Ковачевски и Стојчевска по промената на власта ќе одговараат за нивниот однос кон симболот на Скопје“.
„Во Универзална сала подолг период власта веќе презема градежни активности, и затоа тие мора да одговорат какви материјали вградиле во изминатиов период и кој бил изведувач? Дали се вградени огноотпорни материјали или како примерот со Тетовската модуларна болница е вградувано што им се видело поевтино? Затоа што Универзална сала 50 години стои како симбол на Скопје и во моментот кога оваа криминална власт ја доведува до руина и вградува материјали со цел реновирање истата, таа гори“, порача портпаролката.