Митева: Обезбедени се 2,5 милиони денари за интервентна заштита на „Македониумот”

За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари кој ќе биде реализиран до крајот на 2025, велат од Владата

од Nikola Popovski
10 прегледи

Реконструкцијата на „Македониумот“ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

Според неа, Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со националната установа Завод и музеј Прилеп, веќе презема конкретни и одговорни чекори.

-За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, НУ Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција, информира Митева.