Марија Митева, портпаролка на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „За или против“ зборуваше за заминувањето на Арбен Таравари од Владата и актуелната политичка ситуација. Таа истакна дека оваа Влада е посветена на реформи и нема да дозволи задкулисни игри и политички калкулации.
„Кога некој не се согласува со принципите на Владата, повеќе не е добредојден,“ рече Митева, додавајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е стабилна и посветена на работа за граѓаните.
Таа посочи дека минатите влади функционирале преку политички калкулации и „плафон“ од 61 пратеник, но дека оваа Влада ја напушта таквата пракса и се фокусира на програмска определба. Во врска со оставката на министерот за здравство, Арбен Таравари, Митева потенцира дека секој што одлучува да делува спротивно на принципите на Владата, веќе не е дел од неа.
Исто така, таа го спомена формирањето на пратеничка група на „Вреди“ и дека многу членови на Алијансата за Албанците не поднеле оставки, што според неа укажува на слабост во нивната намера.