Сепак, за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Аеродром на претстојните локални избори, крајниот збор го има највисокото раководство на партијата, а во меѓувреме моја задача е да ја водам општината со посветеност и да ја работам мојата работа со многу љубов, вели во интетвју за „Локално“ в.д градоначалникот на Аеродром Дејан Митески.
На прашањето кои програми ќе ги понуди неговата партија, Митески, истакна дека партијата интензивно работи на подобрување на условите во Македонија, со акцент на значајни капитални проекти во локалната заедница. Тој нагласи дека во Општина Аеродром се реализираат важни проекти, вклучувајќи нови објекти на детска градинка и основно училиште.
„Во Општина Аеродром, периодов интензивно работиме на многу значајни и капитални проекти. Со гордост можам да кажам дека по цели 40 години, за првпат во исто време се градат нови објекти на детска градинка и на основно училиште. Во тек е доградбата на објектот „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Стар Аеродром, со што ќе се прошири капацитетот за над 200 дечиња, а ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, по 70 години од своето постоење, добива нов и современ лик со плус 10 училници и 8 кабинети по предметна настава“
Митески истакна дека опозициската партија СДСМ, како и секоја друга опозициска партија, нормално е да обвинува, особено пред избори, но нагласи дека тие критики најчесто се неосновани и паушални. Митески изрази загриженост дека опозицијата во Општина Аеродром, преку советниците, често изнесува тврдења кои покажуваат елементарни непознавања на ингеренциите на општината.
„Нормално е опозициската партија СДСМ, како и секоја друга опозициска партија, да обвинува, особено пред избори, но најчесто тие критики се сосема неосновани и паушални; За жал, морам да констатирам дека опозицијата во Општина Аеродром, преку советниците, многу често изнесува тврдења со кои покажуваат елементарни непознавања на ингеренциите на општината“ изјави Митески
Локални избори се ближат а со самото тоа се лицитира со имиња на можни кандиндати за градоначалници по општините во главниот град. Вашите сопартијци од Центар и Аеродром ни кажаа дека имињата треба да се знаат до лето, но, дали вие сте главен фаворит за каднидат за уште еден градоначалнички мандат?
Градоначалничката функција ја преземав на почетокот на јули 2024 година, откако претходно бев претседател на Советот на Општина Аеродром. Должноста градоначалник почнав да ја вршам откако мојот претходник, Тимчо Муцунски, беше назначен за министер за надворешни работи и трговија. Од првиот ден, заедно со мојот тим и со вработените во општината, сме посветени на реализирање на започнатите проекти, но и на креирање нови, со цел да создадеме уште подобра и поубава општина за сите нас. Сметам дека моја обврска е да работам за доброто на моите сограѓани, со кои заеднички им пристапуваме на отворените прашања, ги детектираме проблемите и работиме на нивно брзо решавање. Отворен сум за соработка со сите граѓани, со моите колеги од другите општини, министрите, како и со сите чинители во нашето општество. Сакам да го слушнам секое мислење, секоја идеја, но и критиките и поплаките за работите со кои секојдневно се соочуваат аеродромци. Локалната самоуправа претставува комплексен систем и навистина е чест, но и огромна одговорност да се води една од најмодерните и најурбаните општини во Македонија. Сепак, за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Аеродром на претстојните локални избори, крајниот збор го има највисокото раководство на партијата, а во меѓувреме моја задача е да ја водам општината со посветеност и да ја работам мојата работа со многу љубов.
Кои програми ВМРО-ДПМНЕ ќе ги понуди на граѓаните во општината, на што ќе се даде главен фокус со кој ќе се побара довербата од граѓаните за следен мандат?
Ние како партија интензивно работиме на подобрување на условите во Македонија во сите сфери, што навистина не е едноставно по неколкугодишното владеење на СДСМ. При создавањето на програмите, секогаш внимаваме подеднакво да бидат опфатени сите сегменти. Во Општина Аеродром, периодов интензивно работиме на многу значајни и капитални проекти. Со гордост можам да кажам дека по цели 40 години, за првпат во исто време се градат нови објекти на детска градинка и на основно училиште. Во тек е доградбата на објектот „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Стар Аеродром, со што ќе се прошири капацитетот за над 200 дечиња, а ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, по 70 години од своето постоење, добива нов и современ лик со плус 10 училници и 8 кабинети по предметна настава. Исто така, благодарение на Владата на Република Македонија, на чело со премиерот Христијан Мицкоски, и на нивната огромна поддршка која ја даваат на единиците на локалната самоуправа, почнавме реализација на нови 9 капитални проекти за кои ни се одобрени финансиски средства, а веќе аплициравме со плус нови 7 проекти, за кои исто така очекуваме одобрение. Во таа насока продолжуваме и во наредниот период, така што главниот акцент е ставен на подобрување и зајакнување на инфраструктурата. Работиме на реализација на план за изградба на нов објект на „Пчелка 2“ во рамките на детската градинка „Буба Мара“, а особено сум горд и на тоа што Долно Лисиче конечно ќе добие спортска сала, во која дечињата од подрачното училиште „Гоце Делчев“ за првпат ќе добијат услови за правилно спроведување на наставата по физичко и здравствено образование, што за жал досега го практикуваа во несоодветни услови. Истовремено, работиме и на проект за мултимедијален простор во рамките на спортскиот центар „Марко Бижиновски“ во Ново Лисиче. Станува збор за прв ваков културен центар, каде што аеродромци за првпат ќе можат да уживаат во театар, филм и друг вид културно-забавен живот во својата општина. Фокусот на ВМРО-ДПМНЕ при креирањето на изборната програма за локалните избори ќе остане токму на инфраструктурните проекти, затоа што реалноста на терен покажува дека во тој дел се потребни најмногу инвестиции во Општина Аеродром. За жал, изминатите години се граделе многу згради, но не се внимавало на инфраструктурата, како што се улици, паркинзи и други значајни урбани сегменти. Токму затоа, ќе работиме на тие прашања, со што сметаме дека во голема мера ќе се зголеми квалитетот на живот на аеродромци. Нашата општина е една од најгусто населените општини, со голем број млади семејства со мали деца и затоа размислуваме во правец на проширување на капацитетите на училиштата, како и на градинките, со што би ги испратиле во историјата долгите листи на чекање за упис. Секој граѓанин, штом излезе од прагот на својот дом, треба да ги има сите услови за нормално функционирање. Нашата главна цел е задоволни аеродромци, кои ги добиваат сите потребни услуги од општината.
Од опозициската СДСМ обвинуваат дека во целиот мандат не било инвестирано како што велат оттаму ниту на корито, ни трим патека, ни велосипедска патека, ни проширен мост на Маркова река, дали овие обвинувања се вистините и што вие и вашиот претходник Муцунски сработивте за време на мандатот?
Нормално е опозициската партија СДСМ, како и секоја друга опозициска партија, да обвинува, особено пред избори, но најчесто тие критики се сосема неосновани и паушални; За жал, морам да констатирам дека опозицијата во Општина Аеродром, преку советниците, многу често изнесува тврдења со кои покажуваат елементарни непознавања на ингеренциите на општината; Што се однесува до реконструкцијата на мостот на Маркова Река, ја информирам јавноста дека аплициравме во Владата и веќе ни е одобрен проектот, а во наредниот период отпочнуваме со негова реконструкција и проширување; Во однос на вториот дел од прашањето, за време на мандатот, заедно со мојот претходник, а сегашен министер, Муцунски, со гордост можам да кажам дека имаме долга листа на ветени и реализирани проекти: Од првиот ден на мандатот се потрудивме да внесеме промени и токму затоа ги скративме сите непродуктивни трошоци и тие средства ги инвестиравме во проекти; Ние сме првата општина што маркици за згради ги претвори во паркови, откако избришавме 7 маркици на кои беа предвидени станбени згради во урбаното јадро на општината; Инвестираме во нови училишта и градинки, ја финализиравме изградбата на детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром, која комплетно ја уредивме, а во истата населба, како што веќе посочив, во тек е изградба на нов објект на градинката „Изворче“, со што капацитетот ќе се зголеми за над 200 деца; Извршивме реновирање и реконструкција и на други детски градинки, кои добија енергетско-ефикасни фасади; извршивме комплетно реновирање на кујните во голем дел на градинките, со што ги подобривме условите како за дечињата, така и за вработените; На наше огромно задоволство го пуштивме во употреба новиот објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, со што по повеќе од пет децении учениците од оваа населба добија современо училиште по сите стандарди; Исто така, морам уште еднаш да ја споменам доградбата и реконструкцијата на основното училиште „Блаже Конески“ во Мичурин, едно од најстарите училишта во Аеродром, конечно добива нов, современ и функционален лик, со што ќе одговори на потребите на големиот број ученици во тој дел од нашата општина; Извршивме значајни реконструкции во училиштата „Гоце Делчев“, „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“ и „Браќа Миладиновци“. Поставивме фотоволтаици во сите основни училишта, со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците за електрична енергија; Секој ученик во четврто одделение добива таблет за полесно совладување на наставниот материјал, а сите училишта се опремени со смарт-табли за современа и интерактивна настава; Ги наградуваме парично најдобрите ученици и наставници, а секој ученик добива бесплатна униформа, со што ги намалуваме трошоците на семејствата кои имаат ученици; За секое новороденче доделуваме по 8000 денари еднократна парична помош, а за секое прваче по 3.500 денари еднократен надомест; Опремивме неколку сензорни соби за дечињата со атипичен развој, а обезбедуваме и бесплатен превоз за нив до и од училиштата.
На што се даде фокус за време на целиот мандат во Општина Аеродром, кои други проекти се реализирани, Аеродром се смета за една од најспортските општини во Македонија, што се реализира на тој план со игралишта, спортски терени?
Преку соработка со спортски клубови ги доближуваме сите спортови до нашите најмлади, со што создаваме услови во кои можат да се развијат и откријат врвни таленти; Аеродром важи за најспортска општина во Македонија, а ние посветено работиме на тоа да го задржиме ова реноме, а секако, кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром и натаму останува наша спортска гордост; Изминатите три години изградивме и реконструиравме голем број спортски игралишта, од кои би ги издвоил: Спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче; Спортското игралиште зад трговскиот центар во населба Лисиче; Фудбалското игралиште „Никола Христовски – Кољо“, кое доби целосно нова тартан подлога; Како и кошаркарското игралиште зад трговскиот центар „Капитол“; Во соработка со ФК „Аеродром“ го пуштивме во употреба и фудбалскиот терен во Реонски центар, што е уреден по најсовремени стандарди и е нов спортски центар во нашата општина; Тука, повторно би истакнал дека во соработка со Министерството за образование и наука, во наредниот период ќе отпочне изградбата на првата спортска сала во Долно Лисиче, со што за првпат во историјата, дечињата од овој дел на Аеродром ќе можат да имаат часови по физичко во соодветни услови, а не во училници, како досега; Општината, исто така, доделува финансиска поддршка на спортски клубови и здруженија кои извршуваат јавен интерес за развој на спортот во Општина Аеродром, како и за организирање и реализација на спортски манифестации; Покрај спортските игралишта, аеродромци изминатите три години добија и најубави детски катчиња во Скопје, нови детски игралишта се направени во: Реонски центар, покрај булеварот „Февруарски поход“, во Долно Лисиче, а поставивме и две мали игралишта во близина на „Бисер“; Постојано ја унапредуваме инфраструктурата и работиме на подигање на безбедноста во сообраќајот, а изградивме и пуштивме во употреба нов паркинг простор зад „Мајчин дом“; Изработивме и целосно сообраќајно решение со вертикална и хоризонтална сигнализација на улица „Горно Лисиче“, како и проект за воведување еднонасочен сообраќај околу трговскиот центар во населба Лисиче, за кој чекаме одобрение од Град Скопје; Ги саниравме и реконструиравме сите детски игралишта во Аеродром; Постојано ја унапредуваме инфраструктурата и работиме на подигање на безбедноста во сообраќајот; Реконструиравме и работиме на обнова на голем број улици, меѓу кои: „Тодор Чангов“, „Мите Богоевски“, „Илија Димовски – Гоче“, „Црноризец Храбар“, дел од „Лисец“, „Новопроектирана 5“; А, како што веќе нагласив, со финансиска поддршка од Владата на Република Македонија, во наредниот период отпочнуваме со реконструкција на уште голем број улици, пешачки површини и сервисни улици на територијата на целата општина; Периодов, интензивно работиме на целосна реконструкција на скверот зад ТЦ „Капитол мол“, што по неколку децении ќе блесне во нов сјај и ќе биде место за одмор и рекреација, затоа што е прилагоден за сите генерации; Како еден од позначајните проекти би го истакнал и донесувањето на деталниот урбанистички план за Долно Лисиче, со што граѓаните конечно можат да си ги остварат своите права за изградби, надградби, доградби и други урбанистички потреби; Исто така, постојано се грижиме за животната средина и за подигнување на свеста кај населението; Општина Аеродром формираше свое Јавно комунално претпријатие, кое се грижи за одржување на хигиената и на јавните површини под наша надлежност; Со проектот „Clean AirDrom“, низ конкретни чекори одиме кон поставување нови стандарди и креирање политики што ќе ги преземат и применат и другите општини; Во соработка со Шведската амбасада и УНДП, над 130 домаќинства во населбата Лисиче добија еколошки уреди за греење и енергетско-ефикасни фасади; Со бројни екоакции, преку соработка со граѓанскиот сектор и сите засегнати страни, успеавме во текот на изминатите три години да засадиме неколку илјади дрвја на различни локации низ Аеродром; Истовремено продолжуваме да ги негуваме културата и културно-забавниот живот во нашиот Аеродром; Изминатите години наша безрезервна поддршка добија: Меѓународниот театарски фестивал на комедијата „Гола Месечина“, Традиционалниот „Илинденски марш“, Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“ во Долно Лисиче; И низа други манифестации кои придонесуваат за збогатување и разубавување на секојдневието на нашите сограѓани
Дали очекувате лесна победа на изборите и во кого гледате најголем конкурент, Левица или СДСМ?
Точно е дека во општина Аеродром има голем број симпатизери и членови во ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не ми дава за право да лицитирам со евентуална победа на нашата партија на претстојните локални избори; Исто како и во спортот, така и во политиката, никогаш не треба да се потценуваат противниците; Истовремено, ги знам високите квалитети со кои располага ВМРО-ДПМНЕ и капацитетите што ги има најголемата политичка партија во Македонија; Секој кандидат за градоначалник, не само во Аеродром, туку и во сите други општини и во Град Скопје, треба да се гледа како најголем конкурент; Обврска на кандидатите, без оглед дали доаѓаат со поддршка од политичка партија или како независни кандидати, е тоа во текот на кампањата пред изборите да се претстават на најдобар можен начин, отчетно и транспарентно пред граѓаните да ги презентираат планираните проекти и да водат фер борба за градоначалничката позиција; Само на тој начин ќе покажеме дека сме созреано демократско општество, во кое, без употреба на меѓусебни лични напади, ќе создадеме безбеден терен на кој одлучувачкиот гол ќе го дадат граѓаните со заокружување на она име за кое сметаат дека најдобро ќе ја води нивната општина во наредните четири години.
Во јавноста се шпекулира за можна коалиција на Левица и СДСМ во вториот круг, дали гледате опасност во таа коалиција и дали имаат капацитет да го одземат градочалничкото место на владејачката ВМРО-ДПМНЕ?
Јас можам да зборувам за капацитетот на мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, за која тврдам дека располага со врвни кадри кои можат да ги испорачаат барањата на граѓаните и да ги исполнат дадените ветувања. Ние сме партија која отсекогаш се трудела да понуди проекти што реално можат да се изреализираат, без користење популизам и без желба за бркање ситни поени кај гласачите. Живееме во време кога секој жител има пристап до голем број информации и секој гласач врз основа на понуденото може да донесе одлука чие име ќе го заокружи на денот на изборите. Јас лично не гледам опасност во ниту една партија или коалиција, туку препознавам само предизвици со кои треба да се соочиме. Сепак, понудените проекти и нивното претставување пред граѓаните се клучни, и во крајна линија политичките субјекти треба да се фокусираат токму на тоа. Крајниот збор им го оставам на аеродромци, со надеж дека ќе победи најдобриот кандидат.
Д.Ѓ