Градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски побара од Јавното обвинителство да отвори истрага за загадувањето на Крива Река од страна на рудникот „Тораница“ од каде истекоа тешки метали и цијанид.
-Водата од Крива Река во моментов, според извештајот на акредитираната лабораторија, е загадена. При самиот извештај е потврдено присуство на олово десетпати повеќе од дозволеното. Има потврдено присуство на фосфор, цијанид и останати тешки метали, информира Митовски.
Според градоначалникот, суштината на одговороноста и клучот лежи во тоа што ДПИ нема постапено согласно законските надлежности.
-Преку соопштение на својот Фејсбук профил, порачаа дека станува збор за технолошка вода без притоа да направат соодветни анализи на самата загаденост на водата. Свесно го доведоа во опасност здравјето на граѓаните на Крива Паланка, рече Митовски на прес-конференција, додавајќи дека според нивната изјава, ДПИ не земале анализи на водата и вели дека направиле прекршок во постапката.
-Тие неминовно било да наложат земање на мостри од водата, со цел постапката да заврши согласно законите, рече градоначалникот, потенцирајќи дека не е во опасност водата за пиење од градскиот водовод, но, ќе се причекаат официјалните резултати од акредитираната лабораторија.
Утрово од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека изрекле казна во вредност од 200 илјади евра за рудникот.