Митрески – Грегоријан: Конкретна поддршка за чекорите за донесување на Националната развојна стратегија

од Stefanija Kuzmanovska
153 прегледи

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески денеска оствари средба со Армен Грегоријан, постојан претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава.

На средбата се разговараше за понатамошно унапредување на соработката, како и за конкретна поддршка од Собранието на Република Северна Македонија за донесување и за спроведување на Националната развојна стратегија 2023 – 2043 (НРС).

Претседателот Митрески ги информира присутните дека уште оваа седмица Законодавно-правната комисија на Собранието ќе го разгледа Предлог-законот за Националната развојна стратегија, со што се поставува законска рамка за сите активности поврзани со НРС и се отвора патот за реализација на идните процеси. Потоа, истакна претседателот Митрески, во најбрз можен рок ќе биде закажано и продолжение на пленарната седница за донесување на законот.

Тој истакна дека очекува до крајот на мандатот на овој парламентарен состав, Собранието да ги заврши сите обврски поврзани со донесувањето на НРС и почетокот на нејзината реализација.

Честитајќи му го изборот на новата функција, Грегоријан му се заблагодари на претседателот Митрески за досегашната соработка и за неговиот личен придонес како пратеник и координатор при креирањето на НРС и подготовката на Предлог-законот за НРС.

Грегоријан, исто така, истакна дека и во наредниот период очекува да продолжи соработката со сите субјекти во Собранието, како и со другите инстуции на државата, со цел да се гарантира одржливост на НРС во опфатениот период од 20 години.

Слични содржини