Митрески: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат Декларацијата за Гоце Делчев

од Берта Китинска
266 прегледи

Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев. Наспроти ваквото политиканство во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму. Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова да му го направи на македонскиот херој Гоце Делчев, рече на прес-конференција во Собранието координаторот на СДСМ Никола Митрески.

Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.

-Моштите на Гоце Делчев се во Скопје во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици. Големо е неговото дело и почитта кон него, рече Митрески.

За СДСМ декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.

-Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции во нивниот познат манир по стоти пат ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кои со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев, рече координаторот на СДСМ.

Тој истакна дека вакво, како што рече, политичко понижување на делото на Делчев е штета на грбот на националниот интерес и прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за една цел – градење на политички кариери преку одржување на спорот меѓу двете држави.

-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. декларација. Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Митрески додавајќи дека затоа бараат декларацијата да биде повлечена.

Слични содржини