Митрев ќе седне на обвинителна клупа, се товари за кривично дело „измама“

од Nikola Popovski

Докторот и кардиохирург Жан Митрев сепак ќе седне на обвинителна клупа во судница откако денеска Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против него и против истоимената приватна клиника.

Ова беше соопштено на денешниот брифинг во Јавното обвинителство.

Митрев се товари за кривично дело „измама“ за кое е предвидена затворска казна до 10 години.

Против докторот во август беше отворена истрага откако претходно ИРЛ го објави документарецот „Нечиста крв“ за лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.

Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД-19 со методот на хемофилтрација.

-Јас не се плашам од обвинение, ќе се докажувам ако треба 100 години за тоа бидејќи нема такво нешто. Јас ќе одам на суд и ќе се докажувам пред суд. Може требаше да ме обесат на почеток, бидејќи бев осуден на бесилка на самиот почеток. Кога се објави емисијата, следниот ден на врата ми беа од ОЈО, финансии, организиран криминал, контроли, комисии. Тоа никогаш не се случило за никој друг. Јас сум жртва, планирано со сценарио до ден денес. Никого не сум измамил. Од почетокот до денес работам искрено. Направив врвна болница, се задолжив многу и нема факт и аргумент дека некој сум сакал да измамам, рече синоќа Митрев во гостување на дебатна емисија.

За да го спречи докторот да ја напушти државата, скопското обвинителство до Основниот суд Скопје 1 поднесе предлог за одземање на пасошот.

Слични содржини