Митрополитот Тимотеј ќе биде погребан на Плаошник

од Nikola Popovski
87 прегледи

Посмртните останки на митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј ќе бидат погребани до јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник. Опелото и за упокоената света литургија со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија, г.г Стефан, ќе се одржи во храмот „Света Софија“.

Владиката Тимотеј почина пред четири дена во болница, каде се наоѓал на болничко лекување поради проблеми со срцето.

-Со болка во срцата и со искрено сочувство, ја известуваме јавноста дека денеска, 25.11.2024, на споменот на Светиот Јован Милостив, се упокои во Господа нашиот возљубен архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, соопштија од Дебарско-кичевската епархија.

Во општина Охрид е прогласен Ден на жалост. Сите културни, забавни, спортски и други настани и манифестации за утрешниот ден, ќе бидат откажани на целата територија на општината.

Митрополитот ја извршуваше и функцијата портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.

Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско како Славе Јовановски. Во 1976 година дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од страна на Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в.д. ректор на Македонската православна богословија.

Во Монашки потстриг примал на 10 септември 1981 година во Бигорскиот манастир, а на 11 септември 1981 година бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември 1981 година бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.

По изборот за епископ на 20 септември 1981 година бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 година бил назначен за Митрополит Австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 година, од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.

Слични содржини