Информацијата дека пироманот кој го подметнал пожарот пред бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола е познатиот пејач Ламбе Алабаковски предизивика бура од рекации во јавноста.Оваа вест беше окарактеризирана на социјалните мрежи како херојски чин.
Aдвокатот Јанаки Митровски денеска преку социјалните мрежи се огласи и напиша дека про боно се пријавува да го бранат познатиот пејач.
– Бесплатното бранење е забрането со нашиот Кодекс.Но, доколку Алабаковски, или било кој друг нема средства, обврска имаме да дадеме бесплатна помош, појаснува Митровски во изјава за „Локално“.
За тоа кој беше мотивот јавно да го изнесе ставот дека про боно би го бранел пејачот, Митровски вели дека за конкретниов случај „се работи од задоволство, не од финансиски побуди“.
За тоа за какво кривично дело станува збор и колква би можела да биде казната, адвокатот вели дека за вакво сторено дело казните се од шест месеци до пет години.
-Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.Мое мнение е дека тоа што го сторил Алабаковски е прекршок против јавен ред и мир казнив по член 27 поради неприсуството на луѓе и релативно малата штета, појаснува Митровски.
Во случај делото да е предизвикано од политички побуди, адвокатот појаснува дека Алабаковски би одговарал за дело сторено од омраза.
-Доколку се докаже дека делото го сторил од политички побуди, конкретно етничка омраза или нетрпение тогаш работите за Алабаковски би станале значително полоши затоа што тогаш би одговарал за дело сторено од омраза, но обвинителството тогаш би имало проблем да докаже умисла, подвелкува тој.
Влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот „Ванчо Михајлов“ беа запалени во саботата утрото в очи на работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје и предизвика остри реакции во јавноста.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не сакаше официјално да открие дали станува за него, но вели дека самиот го признал делото. Вели дека прегладени биле камерите, не само пред објектот, туку и на други објекти во градот. Извршен е и претрес во домот и во други објекти, кадешто биле пронајдени предметите кои се користеле, како и облеката.
-Имаме неспорни и несоборливи докази. Лицето е приведено во ПС и во моментот очекуваме дека ќе биде изнесен пред надлежниот судија на претходна постапка. МВР бара одредување на мерка притвор заради тоа што се исполнети условите во однос на ваквото барање. Сепак, јас би сакал да почекаме одлука на надлежниот суд, вели Спасовски.
Петков го поздрави откривањето на сторителот
-Го поздравувам откривањето на сторителот на палењето на културниот центар на македонските Бугари во Битола.
Ова го напиша премиерот на Бугарија Кирил Петков на официјалната Фејсбук страница на Советот на министри.
-Им благодарам на властите во Република Северна Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски за ефективно постапување, кои во максимален краток рок го фатија пироманот. Дефинитивно нема да подлегнеме на провокации кои имаат за цел саботирање на односите со нашите соседи, рече бугарскиот премиер.
Левица организира протест за слобода
Партискиот огранок на Левица од Битола утре ќе организира протест во градот, на кој ќе побара ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски. Од партијата бараат отфрлање на кривичната пријава, како и итно процесуирање на кривичната пријава на Левица против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов”, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
-Бараме Министерството за надворешни работи да врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор во Република Македонија, поради континуирано негирање на македонскиот народ, кое кулминираше со отворањето на клуб во чест на крвникот на македонската кауза, Ванчо Михајлов, стои во повикот на партијата.
Претходно партијата истакна дека во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски.
-Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Алабаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната, пишува во соопштението на Левица.
Алабаковски е поп-пејач кој во изминатите неколку години живееше во САД, а пред неколку месеци се врати во Македонија со своето семејство.
Б.М.