Mитровски: Mакедонската јавност сака линчување, а не правда – таква атмосфера се создаде и за судскиот процес против Јованов

Адвокатот Митровски за „Локално“ за затворската казна за Јованов: Доколку опстане, ќе биде највисока изречена досега за сообраќајна незгода

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Прогнозирав во моите претходни јавни настапи пред да почне судскиот процес дека притисокот на јавноста ќе си го направи своето и дека затворската казна ќе биде двоцифрена, што и се случи, вели адвокатот Јанаки Митровски за „Локално“, по вчерашната пресуда и затворската казна од 12 години за возачот Васил Јованов кој пред повеќе од 4 месеци ја усмрти Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Многу реакции во јавноста предизвика ваквата одлука на Основниот кривичен суд – Скопје. Дел сметаат дека е прениска и бараат поголема ригорозност и правда во предметот. Митровски посочува дека доколку опстане оваа казна, ќе биде највисока изречена досега за сообраќајна незгода. Претходно највисоки казни за сообраќајки со смртни последици се 8 години затвор.

-Семејството на починатата ќе каже дека казната е прениска, додека ако го поставите прашањето до семејството на осудениот ќе кажат дека е прениска. Лаичката јавност може да очекува било што и затоа е лаичка, посочува адвокатот.

Апсолутно се согласува со дел од неговите колеги дека македонската јавност сака линчување, а не правда.

-Таква атмосфера се создаде и за овој предмет, како и за предметот за поседувањето и трговијата со наркотици и судијката што претходно го судела. Сметам дека сегашната судијка на соодветен начин го водеше предметот, наведува Митровски.

Васил Јованов

Во меѓувреме, Врховниот суд ја укина пресудата на скопска Апелација против Јованов, со која тој беше осуден на три години и 10 месеци затвор за поседување и трговија со наркотици. Предметот е вратен во второстепениот суд на повторно одлучување. Токму оваа пресуда, Кривичниот суд ја зеде како отежнителна околност при вчерашното изрекување на казната од 12 години затвор за сообраќајната несреќа во која Васил ја прегази Фросина Кулакова. Врховниот суд одлуката ја донел на 7-ми мај, една недела пред кривичен да го прогласи Јованов за виновен за случајот Фросина.

За адвокатот, овде не се работи за пропуст туку за краток рок затоа што на 7- ми мај е само донесена одлуката на седница. Вели дека потребно е време истата писмено да се изработи и потоа да се достави до странките.

-Поради краткиот рок не е доставен и затоа не биле известени ниту одбраната на Васо која сигурно би ги користела тоа ниту е известено Јавното обвинителство. Краткиот рок е причината затоа што луѓето погрешно сметаат дека ако на 7-ми е донесена одлуката и тука завршува постапката. Не, има и админстративен дел односно писмено изработување на пресудата и нејзино доставување до странките и тоа вообичаено трае одреден рок додека се случи, потенцира Митровски во изјавата.

Праксата во Европската Унија за казнување на возачи кои учествувале во сообраќајни несреќи со смртни последици е од една до три години кога е сторена од небрежност, а од 7 до 12 години кога лицето било во бегство, возело под дејство на алкохол или сторило низа сообраќајни прекршоци. Kaj нас законодавецот предвидел минимум 4 години, но, не предвидел горна граница. Тоа значи, судот може да оди со казнување од 4 до 20 години.

Семејството Кулакови кое бара максимална, 20-годишна затворска казна, разочарано од одлуката, ќе бара правда пред повисоката судска инстанца, за усмртувањето на нивното дете.

Обвинителството задоволно од казната, но не ја исклучува можноста пред Апелација да бара построга. Адвокатот на Јованов, Сашко Дуковски смета дека пресудата не се совпаѓа со праксата на судот за казнување на вакви и слични дела.

-Јованов не ја научил лекцијата од своето претходно девијантно однесување, констатира судот. За поседување дрога е осуден на 3 години и десет месеци затвор, а циркулира и во евиденцијата на судот за серија сообраќајни прекршоци – возење пијан, поминување на црвено, без возачка.

Обвинетиот не се противеше да остане во притвор.

Сообраќајката се случи на 29-ти јануари на булеварот „Партизански одреди“. Обвинетиот возел пијан, со недозволена брзина, поминал на црвено, ја удрил Кулакова на пешачки, по што таа почина на самото место.

Н.П.

Слични содржини