Митровски за истрагата за кочанската трагедија: Како може поранешни политички авторитети да се виновни, а тие што се во последната година на функцијата да не се?

Очекувам најдоцна до јуни да заврши истрагата за кочанската трагедија, вели адвокатот Јанаки Митровски за „Локално“

од Nikola Popovski
2,4K прегледи

Истрагата во којашто се опфатени 34 лица е опсежна и сè уште не е завршена. Владата со апел да им се дозволи на органите да ја завршат постапката, темелно и правично. Иако се поминати седум дена од трагедијата, јавноста е нетрпелива и очекува повеќе информации, но и побрзо процесуирање на предметот.

Според адвокатот Јанаки Митровски, aко се земе во предвид дека истрагата е отворена пред само пет дена, премногу е рано да зборуваме за евентуални недостатоци. Како што истакнува, истрагата може да трае шест месеци, со дозвола на Вишото Јавно обвинителството може да се продолжи за уште шест месеци и со дозвола на Републичкиот, уште три месеци што значи дека најбрзо за 15 месеци треба да се заврши истрагата, но предметот е притворски и се работи итно, а и притисокот на јавноста ќе си го направи своето.

-Очекувам најдоцна до јуни да заврши истрагата. Секако треба да се има во предвид обемот на предметот, големиот број на жртви и осомничени кои што имаат адвокати и право на одбрана, посочува Митровски во разговор за „Локално“.

Околу мислењето на јавноста дека селективно се води истрагата, односно не се опфатени сите инволвирани, Митровски оценува дека и во овој случај е премногу рано да се зборува дали има селективност или не. Смета дека сите сомнежи и стравови на јавноста се оправдани затоа што сме изгорени.

-Не може да се занемари затоа што знаеме како завршија предметите „Беса транс“, „Дурмо турс“, Стајковци…Сите стравови се оправдани и подобро да дуваме на маштеница отколку да се изгориме. Во делот на дали селективно се гони, засега имам забелешка како може поранешни политички авторитети да се виновни, а тие што биле во последната година на функцијата не се. Како поранешните директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се осомничени, а сегашните не се. Треба да се биде многу внимателен во тој дел за да не се добие впечаток дека постојат луѓе кои што се заштитени, истакнува адвокатот.

Се надева дека нема да се случи истото како со претходните големи предмети, во поглед на одговорноста.

-Точно е дека кај нас е така „секое чудо за три дена“ за жал, но се надевам дека нема да се случи бидејќи ако се случи, покрај ваква трагедија, ние не заслужуваме да бидеме држава и затоа притисокот на јавноста е многу важен. Под притисок не подразбирам да се бара нереални работи како откривање на целата истрага, но јавноста има право да биде претпазлива и да очекува брза и ефикасна истрага, наведува Митровски и објаснува дека под брза и ефикасна истрага, подразбира уште на почетокот на истрагата да се поднесе обвинение за кого има доволно докази.

-Како што сите сакаме да бидеме жестоко виновниците, би било грев да се најде на обвинителна клупа некој што не е виновен, заклучува адвокатот.

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски утрово одржал координативен состанок со тимот јавни обвинители кои постапуваат во истрагата за трагичниот пожар во Кочани, на кој поради обемот на дејствијата кои веќе се преземаат, тимот е проширен на 11 јавни обвинители. Според планот на активностите, обвинителството најави распит на повеќе од 300 сведоци, како и спроведување на соодветни вештачења од повеќе области.

-Сите ние сме незадоволни, и тука не треба да имаме дилема, работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме. Многу работи се решија од оваа Влада и за многу работи оваа влада беше браник. Тоа е проблем за политичките глодари кои гледаат шанса за некој поен преку овие протести, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Се разгледува акционен план за прогласување мораториум со кој ќе бидат разгледувани лиценци и дозволи.

Бројот од 34 лица под истрага (27 директно за пожарот и уште 7 полициски службеници кои ги гони ОЈО ГОКК) уште сега најавува судски процес со многу рочишта и, веројатно, многу обвинети во салата.

Со истрагата за пожарот досега се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвинителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. По 30-девниот притвор за седумте полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, како што информираа завчера од Основниот суд Кочани таква мерка е  определена за сите 24 лица за кои имаше барање од Основното Јавно обвинителство. Меѓу 24-те лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев, поранешниот министер за економија Крешник Бекштеши.

Граѓанско движење „Кој е следен?“, кое организира собири по трагедијата во Кочани, ги изложи барањата. Оттаму велат дека сите виновни треба да сносат одговорност, зашто земјава не смее да си дозволи уште еден трагичен настан без правна разрешница, и оти системот конечно треба да профункционира како што е пропишано. Движењето бара објавување на целата документација за работењето на клубот пулс, со којашто располагаат Државниот пазарен инспекторат, Министерство за економија, Градежниот и Инспекторатот за урбанизам, МВР, Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јавни приходи. Оттаму велат дека одговорност треба да има и за сите кои се поврзани со пожарот во модуларната болница, за случајот „Онкологија“, автобуските несреќи со Дурмо Турс и Беса Транс.

Н.П.

Слични содржини