Ќе се ангажира независна ревизорска куќа со цел да се испита работењето на општината во последната година, за да се истражат сериозните индиции кои постојат за незаконско и сомнително работење, рече на денешната прес конференција градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

– Со преземањето на функцијата, ја затекнав општината со долг од приближно 55 милиони денари, со тенденција на секојдневно доспевање на нови и нови долгови. Во оваа сума не се опфатени долговите на Јавното претпријатие „Комуналец“ и останатите институции во надлежност на општината. Од вкупната сума која општината ја долгува, 41,2 милиони денари се кредитно задолжување од Светска банка, со период на отплата до 2025 година. Останатите средства се доспеани долгови и неподмирени обврски со висина од околу 10,7 милиони денари, изјави Мицевски.
Посочи дека дополнително, покрај гореспоменатите суми, кон општината има побарувања од 1, 9 милиони денари.
– Денешната прес-конференција е да и овозможиме на целокупната јавност да се запознае со состојбата во која е затекната општината, а би сакал да најавам дека доколку ревизијата за работењето во општината ги потврди индициите и сомнежите и покаже неправилности во работењето во изминатата година, истата ќе се прошири и за претходните години, дополни Мицевски.
Претходниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски раководеше со општината осум години, а при преземањето на функцијата во 2009 година општината имаше долг од околу 24 милиони денари.