Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изјави дека Владата во Собранието пратила само еден лист хартија и ги нема важните документи, што, според него, е „класична девастација и девалвација на Собранието и класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“.
– Материјалот што е стасан од Владата во Собранието се заснова на информација за предлог-преговарачката рамка од еден лист. Текст од една страна е целиот материјал што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на што пратениците треба да се изјаснат за иднината на Република Македонија. Срамота за државата, срамота за Владата, а уште поголема срамота за Собранието, коешто прима вакви документи – рече Мицевски откако соопшти дека нивната пратеничка група пратила барање до Џафери да ја врати Информацијата во Владата.
Тој реагираше зашто во испратениот материјал ги нема Документот со заеднички став на ЕУ, Предлог преговарачката рамка на ЕУ, односно Општиот став на ЕУ, Предлог-заклучучоците на Советот и Билатералниот протокол меѓу нашата земја и Бугарија, за кој, според него, министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска изјавиле дека е усогласен.