Власта и владејачкото мнозинство во наредните денови, има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го токму европското знаменце. На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски, вели шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
„Колку за информација, овој предлог-закон, за марихуаната, власта предводена од Заев упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана“, рече Мицевски.
Тој додаде дека европско знаменце е ставено и на обемниот Закон за парнична постапка кој што има повеќе од 500 членови.
„За да биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно пет стотините. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта“, нагласи Мицевски.
Според него, спорено е и законското решение за Академијата на судии и јавни обвинители, кој пред десетина дена бил повлечен од редовна постапка и „волшебно преку ноќ добил европско знаменце“, зашто некому му се брзало со избор на нови судии и обвинители.
„Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не не се повлечат од налудничавите идеи, је го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат пред интересите на граѓаните“, рече Мицевски.