По лидерската средба која се одржа вчера ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хриситија Мицкоски отстапи од „не“, ниту премиерот Димитар Ковачевски од „да“ за францускиот предлог.
-Понудивме да се одбие ова кое е доставено како предлог, а ние да се повлечеме од барање за предвремени парламентарни избори.Побаравме да бидат избришани членовите 11 и 14.Членот 11 од записникот детерминира дека нема да бидат започнати преговори се додека не го промени Уставот, а членот 14 се повикува на протоколот кој е дел од втората меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија, во кој се наоѓаат историските прашања, образованите и културни прашања, промената на учебниците, кажа Мицкоски по средбата.
Дали ги прифаќа условите или не, Ковачевски не одговори директно. Го повтори ставот дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени и дека имаме предлог чист за почеток на преговори и почеток на скрининг.
-Во однос на тезите кои што беа поставени, сите тие не задираат воопшто ниту во третманот на македонскиот јазик кој што е чист во преговарачката рамка, ниту во идентитетот и самобитноста на македонскиот народ. Тоа е мултирателарен документ кој е усогласен во ЕУ и кој што на нас ни обезбедува да почнеме преговори со ЕУ.Ние сме горди на својата историја, горди сме на својот јазик, горди сме на својот идентитет со сите негови аспекти. Така било, така е и така ќе биде.
Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да избереме нова неизвесност, но во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава. Време е за мудри одлуки, додаде Димитар Ковачевски.