Мицкоски бара извинување од Османи: Ние немаме заедничка политичка историја со Бугарија

од Nikola Popovski
331 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција по изјавата на министерот за одбрана, Бујар Османи дека „Илинден е важен ден за С. Македонија и нашите соседи во Бугарија“.

-Една кратка историска лекција: Св. Илија/Илинден во револуционерна и политичка смисла на зборот може да биде важен за Бугарија само како дел од нивните учебници каде се изучува правилно историјата на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и останати и нивната автентична борба за сопствена македонска држава во срцето на Балканот. Заедничка може да биде нашата историја во географска смисла бидејќи двата народи и двете држави припаѓале и припаѓаат во географската целина балкански полуостров, но никако и политичка. Зошто? Ако се иземе периодот од 1941-1944 кога бугарските фашисти ја окупирале територијата на денешна Македонија и биле поразени и протерани, никогаш пред, но и после тоа не сме биле во заедничка политичка и уставна држава заедно за да имаме заедничка историја, пишува Мицкоски.

Тој потенцира дека ова е груба провокација од министер во влада на Македонија кон македонскиот народ и непочитување на историјата, традицијата и жртвата за независна и суверена македонска држава.

-Очекувам извинување веднаш и јасно правење разлика од “заедничката историја” во географска од политичка смисла на зборот. Во спротивно уште на локалните избори македонскиот народ во Тетово, Гостивар, Чаир, Струга, Дебар, Теарце…., гласно ќе проговори за оваа груба провокација на Бујар Османи, наведува Мицкоски на Фејсбук.

За Османи, „за жал, во минатото, и често во сегашноста, честопати тоа беше извор на раздор и несогласување, а не обединувачка точка“.

„Во денешниот модерен контекст, наша должност е да го сториме токму тоа – точка што ќе не поврзе, празник што ќе не обедини, историски настан преку кој ќе покажеме меѓусебно почитување и меѓусебно признавање. Изразувајќи почит кон различностите, за различните гледишта за историските текови, денес сме посветени на создавање модерни општествени трендови кои ќе обезбедат заедничка иднина за граѓаните на двете земји“, рече шефот на македонската дипломатија.

Слични содржини