Мицкоски бара предвремени избори, од СДСМ велат: „Темата со изборите е затворена“

од Берта Китинска
177 прегледи

За ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и огромно мнозинство граѓани, прашањето за предвремени парламентарни избори не е затворено. Продолжуваме со нашиот активизам, ќе имаме протестно лето и активна блокада во Парламентот. На есен ќе има нов сет на чекори, ќе биде динамично, а одговорноста за сето ова ќе ја има Владата, изјави вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Мицкоски, во интервју за Телевизија 24, посочи оти ќе протестираат низ улиците, низ маалата, пред институциите, односно, како што кажа, секаде каде гледаат дека треба да се протестира.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека бараат брзи предвремени парламентарни избори, кои, како што појасни, траат од 45 до 60 дена.

Од владејачката партија велат дека темата со изборите е затворена и дека тие ќе се одржат во редовен термин во 2024 година.

-Откако со дебаклот со протестот ја доби порака од граѓаните дека тие не се за блокади, Христијан Мицкоски треба да се откаже од деструктивното дејствување на штета на граѓаните и државата.Мицкоски треба да ја прифати порака којашто со дебаклот на митингот му ја порачаа и граѓаните, а тоа е дека не сакаат блокади и деструкции.Во време на најголема економска и енергетска криза тоа е особено неодговорно.Граѓаните знаат дека Мицкоски говори едно дома а друго надвор а доказ за тоа е Резолуцијата на ЕПП со ставови на Бугарија којашто тој ја поддржа, реагираат од СДСМ.