„Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?“ е прашањето за референдумско изјаснување, за кое опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да собере 100 илјади квалификувани потписи.
Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски најавениот референдум од опозицијата нема да успее појаснувајќи дека: „штом една доминантна политичка партија нема да учествува активно во референдумското изјаснување, тоа значи дека не постојат ни теоретски шанси тој да успее“.
-Дополнително во овој случај, сите етничко албански политички партии ќе заземат политика на активен бојкот односно ќе го повикаат своето членство да не излегува на гласање и оттука не гледам како може да се постигне потребниот цензус од 50% + 1 излезен гласач од вкупно запишаните во единствениот избирачки список, за да референдумот биде легален и легитимен. За жал, ќе се сведе на уште едни џабе потрошени пари од буџетот на Македонија, што во превод значи потрошени милиони средства, пари на даночните обврзници (граѓаните), во една сеопшта енергетска, економска и социјална криза, кога максимално треба да штедиме и заедничките пари да ги трошиме исклучиво рационално. Во минатото (2018-та),опозицијата беше таа која го бојкотираше референдумот за Преспанскиот договор и тој нормално не го постигна потребниот цензус. Во веќе далечната 2004-та тогашната власт го бојкотираше референдумот за територијалната организација и тој исто беше неуспешен. Овој пат истото ќе се случи заради активно неучество на сите владејачки партии, особено најголемата и тие од етничкиот албански политички блок, вели аналитичарот за „Локално“.
Тој семта дека опозицијата само сака да мобилизира што е можно повеќе гласачко тело како една „увертира за идните парламентарни избори“, појаснувајќи дека тие сакаат да се направи еден гласачки капитал на бранот на незадоволството на многумина и голем дел од граѓаните кои се против францускиот предлог и истите да ги искористат како „понтонски мост за доаѓање на власт и победа на општите избори, без разлика дали се работи за предвремени или редовни“ .
-Сепак ова е меч со две острици за опозицијата : доколку референдумот се покаже неуспешен, тогаш опозицијата ќе нема морално право да го спречува вметнувањето на Бугарите во Уставот, а со тоа да го спречува и формално-правниот но и суштински старт на европреговорите, но уште поважно со овој политички од, опозицијата може да го загуби и единствениот свој политички патрон во Европа, а тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан кој е нивни политички интимус. Не случајно, комесарот за европроширување Оливер Вархеј директно без дипломатски ракавици вината за евентуалниот неуспех на македонските интеграции ја префрли кај опозицијата и директно ни кажа дека доколку не се случат уставните измени тука ќе застане се, односно Македонија нема да го продолжи патот кон Европската Унија. Ако лидерот на опозицијата не излезе од филмот на спасител на Македонија и упорно оди со главата в ѕид против сите европски лидери, голема е веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да заврши како Српската радикална партија на Воислав Шешељ и да победува на избори, потоа ниту една политичка сила кај нас (партиите на етничките Албанци), под притисок на меѓународната заедница да не смеат да коалицираат ни под разно со оваа партија која дефинитивно ќе биде посочена со прст како проруска партија која работи за интересите на Путин и Кремљ, а директно против интересите на Брисел и Ваш…, смета тој.
Аналитичарот смета дека лидерот на опозицијата нема политичка храброст за да го поништи Преспанскиот договр за кој предходно имаше најави од неговата партија бидејќи на договорот најголеми поддржувачи беа Американците и високата надворешна дипломатија на САД.
-Едноставно ниту лидерот на опозицијата има политичка храброст, ниту можност, директно, дрско и безобразно да им се спротивстави на Американците, бидејќи знае дека ќе биде ставен потоа на,, политичка црна листа”, и тоа ќе значи крај и крах за неговата политичка кариера. Веројатно овие калкулации се прават за да не отидат гласовите на контото на Левица, другата опозициска политичка партија која во статутот е против НАТО партија, антиевропска по реторика, целосно антизападна, партија идолопоклоник на Кремљ, Путин, Кина и слични авторитарно-тоталитарни режими и системи на владеење. Од тој аспект, Христијан Мицкоски ги прави овие политички пируети во јавноста да се прикаже како последен бедем на македонизмот и најгласен бранител на македонските национални интереси, бидејќи ако не го прави тоа, таа улога,, природно” ќе му припадне односно ќе му ја заземе другиот лидер на опозицијата Димитар Апасиев, подвелкува Атанасоски.
Б.М.